Овој пат, „бензинска“ е само метафора за нешто што ни се повторува, пак и повторно. Којзнае по кој пат, повторно иста слика… Откако ги испразнивме рафтовите на продавниците, сега му се навртевме на бензинот. Уште се свежи сликите од почетокот на корона-кризата, кога на нишан беше тоалетната хартија, се разбира, покрај другите продукти, кои како да беа симнати од списокот на некогашна ЈНА, со назнака „домашни потрепштини доволни за опстанок во случај на нуклеарна војна“. Се грабаше, се полнеа подрумите, балконите и шпајзовите, па на крајот дел од продуктите пропадна, застаре, се расипа. Ама важно нашите граѓани си создадоа, макар накратко, илузија дека успеале да направат нешто корисно за себе и семејството. Се чувствуваа како во акцијата „Сите во одбрана и заштита“, позната и како СВОЗ, во која граѓанството ја докажуваше својата подготвеност да стои на браникот на татковината, само што сега беа на браникот на семејството
„Да речат дека од понеделник поскапуваат погребалните услуги, ние утре по пет сандаци ќе купиме. Ете што луѓе сме ние“. Ова беше еден од најчестите коментари вчера на Фејсбук, откако граѓанството се разбуди со веста дека во текот на ноќта во многу градови се создавале редови за купување бензин, по што морала да излегува на терен инспекцијата да види што се случува, а надлежните служби и дистрибутерите трескавично да лиферуваат соопштенија за јавноста дека сѐ е во ред и нема потреба од паника и создавање редици и неред на бензинските пумпи. Попусто, уште еднаш се покажа дека моќта на гласините е многу посилна од регуларните, проверените, низ професионална новинарска призма поминати соопштенија.
Ситуацијата уште еднаш ја потврди универзалната важност на стариот пример од теоријата на новинарството, кој вели дека гласината е како распарана перница отворена на бура, при што пердувите од перницата ќе се разлетаат на сите страни. А задоцнетото официјално соопштение е обид да се вратат сите пердуви во перницата.
За тоа дека работите се забегани можеше да се види уште во четвртокот попладне, кога некои од телевизиите го емитуваа прилогот од Штип, каде што веќе беше почната „окупацијата“ на бензинските пумпи. Попусти беа уверувањата дека бензин и нафта има доволно и нема потреба од паника. Повторно ја видовме вообичаената слика: „Не знам, јас случајно дојдов да полнам бензин и гледам редица, па си велам ајде ќе почекам“, „Јас не би чекал, ама морам итно да одам на пат“… Недостигаше само уште да се појави некој лик и да каже „Јас не сум од тука“, како во стариот добар виц. Да не знае човек дали да се смее или да тресне некоја вазна, од поевтините, во ѕид. Оти ако скрши поскапа, може и да настрада од посилната половина.
А вистината е многу прозаична и не се потребни ниту државна комисија ниту, пак, експерти од странство за да ја откријат. Нашиот човек, длабоко навлечен на дрогата наречена социјални мрежи, буквално ја голта секоја вест што ќе се појави, а за момент ќе му се причини дека е многу важна. Во таква ситуација, доволно било еден од многубројните експерти за сѐ и сешто, народски кажано сезнајковци, кои ги имаат окупирано социјалните мрежи, и во паузата меѓу толкувањата за потеклото на Инките, или за тоа кој има повеќе ракети со среден дострел, односно кој автомобил има најдобро забрзување, да решил малку да одмори од белосветските проблеми.
Е тогаш, случајно или намерно, да објави нешто сомнително, некоја полувест, гласина, што на некој друг му се видело дека е можно, и лавината тргнала. Веста веднаш се надградува, се „бустира“ или, како што е веќе модерно да се каже, и ѓаволот ја однесе шегата. „Мажу, стави шал и капа и трк на бензинска“, ечеше низ Македонија.
Значи, повторно, којзнае по кој пат, повторно иста слика. Откако ги испразнивме рафтовите на продавниците, сега му се навртевме на бензинот. Уште се свежи сликите од почетокот на корона-кризата, кога на нишан беше тоалетната хартија, се разбира, покрај другите продукти, кои како да беа симнати од списокот на некогашна ЈНА со назнака „домашни потрепштини доволни за опстанок во случај на нуклеарна војна“. Се грабаше, се полнеа подрумите, балконите и шпајзовите, па на крајот дел од продуктите пропадна, застаре, се расипа.
Ама важно нашите граѓани си создадоа, макар накратко, илузија дека успеале да направат нешто корисно за себе и семејството. Се чувствуваа како во акцијата „Сите во одбрана и заштита“, позната и како СВОЗ, во која граѓанството ја докажуваше својата подготвеност да стои на браникот на татковината, само што сега беа на браникот на семејството.
Е па, ако шопинг-еуфоријата од почетокот на корона-кризата беше генерална проба, сега ова може да се толкува како премиера, која почнува со набавка на бензин. Демек, ќе поскапува. Или ќе го снемува? Или и двете работи одеднаш?
Но, иако се обидов да ја релаксирам целава приказна, вртејќи ја по малку и на шега, сепак, работата воопшто не е несериозна. Но за тоа, да се разбереме, воопшто не е виновен нашиот народ, нашите граѓани. Луѓето реагираат онака како што им налага инстинктот во една крајно несигурна ситуација.
За жал, нашите врвни раководители, луѓето што треба да се грижат за нашата иднина, и овој пат целосно потфрлија. Ваквата еуфорична атмосфера се создаде пред сѐ поради тоа што ниеден од луѓето што се платени за тоа не излезе пред јавноста уште пред неколку дена, кога почнаа воените дејства во Украина. Знаејќи го нашиот менталитет, ако треба и неколкупати дневно требаше да ги гледаме тие ликови како се обидуваат да го смират народот, да го уверат со конкретни податоци дека власта ја држи ситуацијата под контрола. Во сите области. Буквално секој ден.
Не се работи за каприц или за некакво претерување. Ако нашите челници не знаеја за тоа што може да се случи поради нивното апстинирање при најава на бурата, тогаш барем армијата нивни советници (да го цитирам Стојанче Ангелов, кој вели дека првите луѓе се консултираат со голем број советници за најважните одлуки) можеа да им укажат дека може да се случи ова. Но, очигледно, тој синџир на комуникација повторно бил прекинат и повторно го добивме тоа што го добивме.