Во суштина, ова е братоубиствена војна, во која најголемата штета ќе ја претрпат Украина, Русија, а потоа и Европа. Најголем добитник, секако, е Кина. Мудрата Кина. Еднаш реков, пак ќе повторам – ваквите земји, „меките стомаци“ кон поголемите држави, каква што е и нашата, никој никогаш не ги третирал никако поинаку, освен како полигон за остварување на сопствените империјални интереси
Тоа било кодното име на нацистичка Германија за уништување на „словенското племе“! До уништување на „словенското племе“, кое Хитлер го мразел еднакво како и „еврејското“, сепак не дошло! Клучна улога за тоа ја имала Сталинградската битка, водена од 28 август 1942 година, до 2 февруари 1943 година. Битката за Сталинград (денешен Волгоград), можеби е најголемата копнена битка што кога било се случила во историјата на човештвото, а дефинитивно е најкрвавата битка што некогаш ја доживеало човештвото! Mилиони руски војници, илјадници минофрлачи, тенкови и авиони… воделе беспоштедна битка на 50 км долгата линија на фронтот по течението на реката Волга! Русите имаат над еден милион жртви во војска и илјадници цивилни жртви. Оската губи над 800.000 илјади војници! Оваа битка го претставува пресвртот во Втората светска војна, која дефинитивно го срушила митот за непобедливоста на нацистичката армија и со тоа дефинитивно го отворило патот за падот на Рајхот.
По објавувањето на војна на СССР во 1941, нацистите напредуваат кон Русија од три страни: преку Литванија, Летонија од север, централно преку Белорусија и на југ преку Украина. На 9 јули, нацистичката армија напредува централно преку Белорусија и веќе во август е освоен Смоленск. Централната нацистичка армија со генерал Фон Бок, во септември се упатува на југ и се спојува со силите во Киев, под команда на Фон Ранштед, при што се уништени две советски армии, со огромни загуби. Оттука, од Киев, патот на Хитлер до Сталинград му е широко отворен низ огромната Источноевропската Низина. Tоа било компромисната тактика, по неуспехот да се удри директно на Москва. Затоа, по наредба на Хитлер, на 28 јуни, 1942 започнува операцијата „Fall Blau“, за заземање на тогаш важниот индустриски град Сталинград, кој претставува значајна стратегиска точка за контрола на нафтените полиња на Кавказ, но и точка преку која ќе се направи обид да со прекине снабдувањето на Русија по Волга. Со тоа започнува легендарната Сталинградска битка! Другото е историја!
Оваа историска реминисценција ја правам, за да се обидеме да ги видиме актуелните собитија околу Украина, во историско светло. Да се обидеме да ги разбереме денешните маки низ историските лекции. Да видиме на последниот, но не и единствениот историски пример, како и од каде Русија ја доживува својата најголема закана.
Русија е огромна земја. Територијално најголемата. Геостратегиски, географски и воено гледано, најранлива е токму на споменатата голема Источноевропска Низина, низ која влегува нацистичката армија. Овој географски дел ја дели денешната Русија од нејзините западни соседи: Естонија на север, Летонија и Литванија, преку Белорусија, до Украина на југ! Наедно тоа е и рускиот „Heartland“ – срцето на Русија! Патем, оваа теорија за Heartland – „срцевина“ на некои делови од географската карта ја дефинира творецот на геополитиката, англискиот географ и политичар Халфорд Џон Мекинтер, кој уште во 1904 година, во својата студија „The Geographical Pivot of History“, ја одредува оваа област околу Волга и Волгоград како рускиот „хартленд.“ Токму тоа што сакаше да го покори Хитлер.
Мекиндер, делејќи ја географската карта во политичка смисла, прави разлика помеѓу: 1. „Светски острови“ – Афроевроазија; 2. „Офшор острови“ – Британија и Јапонија и 3. „Далечни острови“ – Северна и Јужна Америка, Австралија и Океанија. За врз основа на тоа да констатира: „кој ја контролира Источна Европа, го контролира ‘хартленд’ – срцевината. Кој го контролира хартленд, ја контролира Афроевроазија. Кој ја контролира Афроевроазија, го контролира светот“! Ете, геополитиката на светот од почетокот на 20 век се нема променето за милиметар! Се работи за контрола на хартленд!
Денешните настани можат да се погледнат токму од таа перспектива. Но и да се осветлат низ една нова перцепција. Всушност, сè зависи од перцепцијата! Особено од перцепцијата во главите на лидерите. Чинам, дека во главата на Путин, перцепцијата е токму таква – чинот, или желбата за влегување на Украина во НАТО, тој не ја перципира како суверено право на секоја независна држава да стапува во сојузи, туку токму како своевидна историска реминисценција на „Drang nach Osten“ – пробив кон Исток – стратегијата на германската (во случајов западната) геополитика! Веројатно и на самиот запад перцепцијата му е слична – неважни се интересите на Украина, сè додека се остваруваат нивните геостратегиски планови. Во обата случаја, Украина не е ништо друго освен „колатерална штета“, полигон на кој се прекршуваат влијанијата на големите сили. За жал.
Токму од тие причини, Путин често се повикува на падот на СССР како на најголемата „геополитичка катастрофа“ на 20 век! Тоа во извесна варијанта го спомена и во последниот свој говор, непосредно пред нападот на Украина. Затоа што со падот на СССР и со нерационалната политика на тогашното раководство, Русија ја загуби стратегиската предност да ја брани својата земја, преку губење на балтичките земји и Украина. Со тоа, огромната руска територија, на која единствено може да ѝ се пријде од нејзиниот „хартленд“, останува небранета! Путин сака да ја исправи, колку што може, таа „историска грешка“ и „геополитичка катастрофа“! Затоа, Украина за него е „да се биде или не“!
Во овој момент, тој Украина ја доживува како најважната отворена порта кон Москва. На север, Русија, иако граничи со земји што сега веќе се под западно влијание – Естонија, Летонија и Литванија – сепак со Калининград зад нив (кој излегува на Балтичко Море на север и граничи со Полска и Литванија, на североисток) сепак си го „чува грбот“. НАТО е мошне ранливо во балтичките земји, токму заради стратегиската позиција на Калининград. Овој стратегиски поставен град област, инаку поранешен Кенинсберг, е родното место на големиот философ Имануел Кант и порано дел од Пруската Империја, со Договорот од Подздам во 1945 година влегува во составот на советската држава. Денеска, Русија таму има распоредено голем дел од своето одбранбено оружје, а според последните информации, во текот на актуелниот конфликт со Украина, Русија распоредува хиперсонични ракети во таа област.
Во централниот дел, пак, од споменатиот „хартленд“ на Русија, е Белорусија, која е под руска контрола и оттука опасноста за влез преку Минск е анулирана.
Единствената „порта“ што зјае силно отворена кон „срцето на Русија“ е преку Украина! Во геополитичка смисла, тоа е суштината на настаните! Често споменуваната теза, дека со НАТО во Украина ракетите ќе бидат во Москва за пет минути е неоснована, затоа што и сега можат да стигнат за исто толку време преку Естонија, Литванија и Летонија. Или, пак, дека Русија нема да дозволи да граничи со НАТО, затоа што и сега веќе граничи. Единствената причина е што Путин не сака да дозволи уште една земја под западна контрола во нејзиното срце!
Со Украина во НАТО, завршено е со Русија – тоа е доживувањето на Путин! Во некои од изјавите на неговите најблиски соработници, ова беше оценето како „борба на живот и смрт“! Затоа и ваквиот развој на настаните ги затече сите. Путин доживува дека ова е историска пресвртница што мора да ја реши во своја полза, во полза на Русија. Но во полза на Русија како новата светска сила. Имено, прашањето на „живот и смрт“ не е прашање на опстанок на Русија воопшто, туку е прашање дали Русија ќе биде голема сила или не! Прашањето не е прашање на егзистенција на руската држава, туку на нејзиното позиционирање од регионална, во глобална сила! Путин реши Русија да стане глобална! Тој гледа прозорец на можности за тоа по евидентниот пад на американската униполарна доминација и се обидува да ја врати на геополитичката карта и да ја исправи „историската грешка.“ Без Украина, Русија нема да „умре“, но ќе „умре“ како светска сила. А Путин, ја сака таква.
Сепак, се плашам, дека оваа битка на „живот и смрт“, ова прераспределување на светските сили на геополитичката карта, сите ќе нè чини многу. Премногу. Најмногу Европа, а секако Украина. Но и Русите ова ќе ги чини многу. Јас целата моја академска кариера ја имам посветено на Русија, ги сакам и руската култура и рускиот народ. Но убеден сум дека ова ќе ја чини скапо Русија.
И тоа од политички, економски и историски аспект: 1. Русија успеа како никогаш досега да го обедини Западот, особено НАТО. Тоа ќе доведе до монополизација токму на неолибералната идеологија, на западната пропагандата, унифицираниот глобален наратив и „царството на лагата“, токму против кое Путин се бори; 2. Економските санкции силно ќе ја погодат руската економија, иако тие се подготвуваа за ова (делумно и за исклучувањето од СВИФТ-системот), сепак, економски, Русија е поврзана исто толку со Европа, ако не и повеќе, отколку со Кина; 3. Со овој чин, Русија, самата се турна во прегратките на Азија и во политичка, но особено во историска смисла, на долг рок се оддели од цивилизацијата на која по својата суштина ѝ припаѓа – европската. Со тоа, клинот во културната свест на Русија, дополнително се зари во нејзиното и онака подвоено национално ткиво помеѓу Истокот и Западот. А Русија, сепак, е европска земја! 4. И конечно, со ова на долг рок, на многу долг, Русија ја изгуби и онака кревката поддршка што ја имаше во Украина. Дури и да ја добие војната и целосно да ја „интегрира“ Украина во својата сфера на влијание, по овој чин, треба некако да живее со населението од таа територија.
Во суштина, ова е братоубиствена војна, во која најголемата штета ќе ја претрпат Украина, Русија, а потоа и Европа. Најголем добитник, секако, е Кина. Мудрата Кина. Еднаш реков, пак ќе повторам – ваквите земји, „меките стомаци“ кон поголемите држави, каква што е и нашата, никој никогаш не ги третирал никако поинаку, освен како полигон за остварување на сопствените империјални интереси. И во таа смисла, имам искрено и најдлабоко жалење и за Украинците. Ужас ме фаќа за секој човечки живот што во оваа лудост ќе биде загубен. За жал, живееме во историски времиња кога ги сведочиме „породилните маки“ на новиот мултиполарен свет. Бог нека е со нас!
Aвтор: Трајче Стојанов