Во 4. коло Грузија во Скопје ја победи Македонија со 79-65 и со тоа веќе се пласира во втората фаза од квалификациите за СП 2023
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Сакам да им честитам на моите играчи за борбеноста, почитта кон националниот дрес. Во споредба со првиот меч, имавме подобар одговор на целокупната игра на противникот, иако не можевме да го контролираме скокот од наша страна. Ова не е најдоброто од нас, имавме отворени шутеви и нереализирани шанси, но не можам да кажам дека не сум задоволен од играчите, вели помошник-селекторот на македонската репрезентација, Александар Јончевски, по вториот пораз од Грузија, овој пат во Скопје, со 65-79 (21-18, 14-25, 17-15, 13-21), во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година.
Грузија веќе обезбеди пласман во втората фаза од овие квалификации во групата Г, а ослабената Македонија, иако го одигра најдобриот меч, го претрпе четвртиот пораз и со тоа ги намали шансите за пласман понатаму.
– Знаевме дека ќе биде тежок натпревар против одлична репрезентација. Забележаа неколку важни поени во моментите кога им беше потребно, а за тоа најзаслужни беа Шермадини и Мекфаден. Тежок момент беше кога сметам дека имаше прекршок врз мене, а не беше досуден, по што ми беше доделена техничка грешка, а Грузија потоа направи серија од 10-0 – изјави македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ.
Црвено-жолтите, кои како и во Тбилиси, не ги предводеше селекторот Драган Бајиќ поради позитивен тест на ковид-19, ги добија првата и третата четвртина, но ги загубија со поголема разлика втората и четвртата.
– На дуелот со Грузија се покажаа една голема желба и мотивација за успех, со враќањето на Димитријевиќ се виде и една сигурност, особено во нападот. Но не треба да паѓаме ни дефанзивно ни офанзивно во одредени моменти на играта, а за тоа ни е потребна и поширока клупа. Повторно ќе кажам, од моето доаѓање во репрезентацијата ниту еднаш не бевме целосно комплетни. Да бевме, тогаш нашите противници сигурно ќе ја почувствуваа нашата играчка моќ, потешко ќе доаѓаа до бодовите, а ќе остваревме и некоја победа. Не бегам од одговорноста за сегашните резултати, но ќе кажам дека со самиот пласман во оваа фаза од квалификациите направивме голема работа, и тоа повторно кога бевме некомплетни, без 6-7 стандардни играчи, оти е нереално кога не сме во полн капацитет да очекуваме успех. Криво ми е што ниту еднаш не се комплетиравме целосно, и тоа кога КФМ ни дава најдобри услови за работа. Но, сепак, нема предавање, сѐ додека постојат шанси ќе настојуваме да ги искористиме, иако тие се сега многу намалени. Сакам да нагласам и тоа дека она што е значајно е што сега треба да се насочиме и кон формирање тим што ќе ја носи успешно оваа репрезентација во квалификациите и пласман на Европското првенство – вели Бајиќ, кој закрепна од ковид-19, а натпреварот Македонија – Грузија го следеше на малите екрани.
Во македонските редови најмногу поени, 25, постигна Димитријевиќ, повратникот во репрезентацијата Војдан Стојановски постигна 13, Бојан Крстевски 11, Џејкоб Вајли 10 итн. Кај Грузијците, кои пак настапија без капитенот Корнике Шенгелија, предничеа Тадус Мекфаден со 24 и Гиорги Шермадини со 13 коша. До крајот на овие квалификации Македонија треба да одигра уште две средби, на 1 јули на гости со светскиот првак Шпанија и три дена подоцна дома со Украина. Во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.
ГРУПА Г
Македонија – Грузија 65-79
Украина – Шпанија одложена
ТАБЕЛА
Грузија 4 3 1 7
Шпанија 3 3 0 6
Украина 3 1 2 4
Македонија 4 0 0 4
Идно коло (1 jули): Шпанија – Македонија, Украина – Грузија.