На натпреварот ќе учествуваат претставници од сите 50 држави, главниот град Вашингтон и од пет американски територии

Од 21 март до 9 мај

Во САД годинава ќе се одржи прв музички фестивал подготвен според „Песна на Евровизија“ – натпревар за најубава мелодија на Стариот Континент, кој се емитува секоја година од неговото воведување во 1956-та и е една од најдолготрајните и најгледани телевизиски програми во светот. На „Амеровизија“ ќе учествуваат претставници од сите 50 држави, главниот град Вашингтон и од пет американски територии, а домаќини на првото издание ќе бидат раперот Снуп Дог и пејачката Кели Кларксон.
Снуп Дог вели дека за него е голема чест што ќе го води фестивалот со Кели Кларксон, која ја нарече „своја помлада сестра“.
– Ја обожавам „Евровизија“ и тој концепт на натпреварување и одушевена сум што овој музички феномен пристигна и во Америка, а особено поради тоа што јас ќе бидам дел од ова премиерно издание – изјави Кели Кларксон за медиумите.
Музичката ѕвезда, која стана славна по победата на првата сезона на шоуто „Американски идол“ во 2002 година, дополни дека многу се радува што ќе соработува со Снуп Дог и едвај чека да види кои ќе бидат уметниците што ќе ги претставуваат сојузните држави и територии.
На натпреварот ќе учествуваат 56 пејачи, дуети и бендови. Осумнеделниот телевизиски натпревар премиерно ќе се емитува на 21 март на Ен-би-си, а големото финале е закажано за 9 мај.