Собранието со 59 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, во рамки на 63-та седница. Кризната состојба ќе трае до 30 април годинава.
Владата, конкретно Електрани на Македонија, треба да ја преземе обврската за снабдување со топлинска енергија наспроти БЕГ како снабдувач во услови кога цената на енергенсот е за 40 отсто зголемена.
За опозицијата, граѓаните не треба да плаќаат повисоки сметки поради несовесното работење на Владата, односно институциите кои не знаеле како да ја менаџира енергетската криза. За владејачкото мнозинство, Владата навремено и ефикасно одговара на сите предизвици, во интерес на граѓаните и стопанството.
Министерот за економија Крешник Бектеши образложи доколку оваа криза би била оставена на одговорност на Град Скопје и со оглед на инфраструктурата на десетте скопски општини, тогаш би пропаднал целиот електроенергетски систем во земјава поради тоа што трафостаниците во овие општини не се во состојба да добијат дополнителен капацитет ако се премине од централно греење со топлинска енергија во греење со електрична енергија. Тој ги повика пратениците да ја поддржат оваа предлог-одлука.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Ангелевска рече дека во моментов во државата има четири кризни состојби, за кои Владата не чувствува одговорност туку вината ја префрла на друг.
– Енергетската криза е светска, пандемијата е светско зло. И тоа е така. Меѓутоа, сигурно дел од вината има и власта на СДСМ и ДУИ. За енергетската криза, досега се платени 170 милиони евра. За да им биде појасно на граѓаните, кризата се прогласува за да може да се префрлаат парите од буџетот во Електрани на Македонија. И кој е виновен сега? Виновно е ВМРО-ДПМНЕ? Виновен е цел свет само СДСМ и ДУИ не се виновни. Моменталното управување од БЕГ го презеде Електрани на Македонија. Ова сега продолжување до 30 април, не е за купување на гас, туку да се субевнционираат средства за сметките за парно за домаќинствата кои се кренати за 20 отсто – рече Ангелевска.
Според неа, ЕСМ е пример за неработење и опозицијата се сомнева дали парите од буџетот ќе стигнат таму каде што треба.
Ангеловска посочи дека според донесена одлука, училиштата ќе треба сами да си ги плаќаат сметките, оти образованието е изземено од оние на кои им се помага. Таа праша дали за сметките на училиштата треба да се погрижат општините, кои со последните локални избори повеќето се раководени од градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во реплика до Ангеловска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека енергетската криза е криза која мораме сите заедно да ја споделиме.
– Криза за која Владата треба да ја даде максимумот наспроти локалната самоуправа. Не може ниту една локална власт да не направи ребаланс и дел од средствата да ги насочи кон кризата, а за сè друго да бара од Владата. Не може општините кои комуналните такси треба да ги собираат според закон, да ги ослободуваат граѓаните и компаниите, а да не сметаат дека учениците треба да се греат. Затоа, сите заедно да имаме споделена одговорност – истакна Спасовски.
Тој потсети на одлуката во 2012 година во која се даде налог да се формира БЕГ да се преземе Топлификација-Скопје, спротивно на законот, за што во 2019 година се поднесени кривични пријави.
– Затоа Скопје нема таква топлинска енергија каква што треба да има. Дел од луѓето кои ги издавале таквите наредби денес го собираат кајмакот, а скопјани седат со ладни простории – рече Спасовски.
Пратеникот Иван Стоиљковиќ рече дека никој во државата не понесе одговорност за кризната состојба.
– Компаниите не сработиле ни струја ни гас и на тие исти компании Владата им дава пари да набавуваат енергенси – рече Стоиљковиќ, кој рече дека директорите на компаниите треба да бидат сменети.