Задоцнетата правда не е само неправда

Тоа што правосудниот систем, веќе предолго време, е предмет на огромна недоверба кај граѓаните, би требало да биде доволно голема провокација за надлежните да се запрашаат каде грешат и каде згрешиле, наместо да ја задушуваат јавноста со флоскулите каква што е таа дека правосудството во голема мера е реформиран

Додека, еве, веќе трет министер за правда го реформира правосудството, семејствата на загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци, за некој ден ќе ја одбележат тригодишнината од трагедијата, за чии причини и причинители, барем онака како што налага законот, сѐ уште не се информирани. Сѐ уште ја чекаат правдата, која, според голем број оцени, доцни недозволиво долго кога станува збор за предметите од таков карактер. Ургентноста, што ја претпоставува природата на случајот, исчезна во правосудните лавиринти во кои толку многу чури од разни политички и секакви други оџаци што навистина е тешко да се најде излез. А предметот поврзан со автобуската несреќа кај Ласкарци е бескрајно тажен, но мошне илустративен пример на состојбата за чиј опис веќе одамна не е доволна ниту познатата максима дека задоцнетата правда, всушност, е неправда, и за кој, можеби, најсоодветно би било, со прости зборови да се каже, оти е крајно безочно подбивање со правдата.
А како стигнавме до тука?
Треба ли да се потсетува на урнисаниот образовен систем, во кој, секој што има пари или врски, може да си обезбеди звање, титула и функција? Вредно ли е да се споменува како политичките партии, откога ќе дојдат на власт, ги протежираат своите кадри при вработувањата и именувањата на функциите во правосудството без оглед на нивната компетенција? Може ли да се зборува за професионалност, стручност, интегритет и слично во правосудството, кога „кандидатот“ зад себе ги има чичкото, кумот, партијата…? И конечно, како да се зборува за (не)издржаноста на пресудите покрај сите тие, формални и неформални, но добро организирани системи за нивната „ревизија“, кои од разни центри, по потреба, се активираат?

И така се менуваат ликовите и гарнитурите на и околу власт, се спроведуваат „реформи на правосудството“, но некои нешта никако да се поместат од мртва точка. Судењата во разумен рок, на пример, никако да станат принцип што ќе ги обврзува не само луѓето во правосудството туку и оние во законодавната и во извршната власт, кои треба да ги определат правилата на игра и да ги обезбедат условите за непречено работење. И ако треба, да ги исфрлат од игра тие што не играат според правилата.
Сите тие елементи, и уште многу нешта што патем ги придружуваа, резултираа со култура на неказнивост, селективна и задоцнета правда, од една страна, и со огромна недоверба на граѓаните во системот, од другата страна. А недовербата во системот, како што е познато, може да продуцира два начина на однесување, резигнираност, поради која веќе ништо добро не се очекува, и негаторство, кое веќе не признава никаков систем и никакви правила.

Судењата во разумен рок, на пример, никако да станат принцип што ќе ги обврзува не само луѓето во правосудството туку и оние во законодавната и во извршната власт, кои треба да ги определат правилата на играта и да ги обезбедат условите за непречено работење. И ако треба, да ги исфрлат од игра тие што не играат според
правилата

Тоа што правосудниот систем, веќе предолго време, е предмет на огромна недоверба кај граѓаните, би требало да биде доволно голема провокација за надлежните да се запрашаат каде грешат и каде згрешиле, наместо да ја задушуваат јавноста со флоскулите каква што е таа дека правосудството во голема мера е реформирано, иако по Ласкарци следуваа, а се плашам да не се случат, и други „ласкарци“, како резултат на сѐ поголемата недоверба во правосудството и од страната на оштетените и од страната на сторителите, како и од страна на тие што евентуално ќе се најдат во нивните улоги.
А тоа воопшто не е тривијална работа, иако по сите досегашни укажувања и критики почнува така да изгледа. А и однесувањето на надлежните, на институциите, па дури и на граѓаните сѐ повеќе им дава тривијален карактер на постапките и на одлуките на судовите, што значително се разликува од легитимитетот и легалитетот што треба од нив да виреат.
Судовите и нивното (не)постапување, кои не наидуваат на одобрување ниту во пошироката, а камоли во стручната јавност, дефинитивно не можат да ја обезбедат правдата, уште помалку правичноста. И токму поради тоа, сите изнесени, но и уште многу неизнесени аргументи, не би требало и не би смеело да се сфатат како некоја попатна и здодевна илустрација на овдешната реалност, туку како силен аларм, алармантно предупредување, потресен вресок, дека многу нешта не чинат во системот што треба да ја чува и да ја дели правдата.

[email protected]