Говорот на Румен Радев и македонскиот молк

Македонското одбележување на Гоцевото раѓање помина повеќе со страв одошто со радост. Страв од Бугарите, уште поголем од себеси и од својата немоќна политика. Македонските власти, од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, од Зоран Заев, па наваму, газат по јајца за да не го вознемират бугарскиот дух, кој постојано мавта со меч. Така се однесуваа на 4 февруари 2022 г., така се однесуваат во сите средби и новиот премиер и неговите министри

По чествувањата за Гоце Делчев

Чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев не предизвика земјотрес ниту во Македонија ниту во Бугарија. Политичката магнитуда на тој најавуван потрес не покажа некои посериозни сеизмолошки „чкртки – мртки“ на екранот, иако настанот се одвиваше на двете страни од границата меѓу двете држави. Ако договорот меѓу двете влади бил преку Гоце да не се чачка мечката додека спие, мирно поминале и Гоце и мечката.  Така може да се опише генералната слика на одбележувањето на родениот ден на човекот, кој колку што ги спојува толку и ги раздвојува Македонците и Бугарите. Ако овие јавни манифестации беа пробен балон за она што може да се случува и што следува во иднина, тој балон не пукна, барем не звучно, фонија што не ја посакуваат двете нови влади и е прилог кон, наводно, подобрените односи и избраниот пат за искрена соработка, ако во политиката има зрно искреност.Сепак, и обландата низ која се зашеќеруваат непријатните спорови си ги испушта горчливите мириси, избраниот целофан недоволно ја покрива аромата на недоразбирањата и спротивставеностите меѓу едната и другата држава.

Разликите меѓу Петков и Радев

Во Бугарија главни официјални актери во одбележувањето беа претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков. Во Македонија, во отсуство на претседателот на Владата, таа ролја ја презеде претседателот на државата. По тој повод, Петков на фејсбук-страницата на неговата влада сподели краток текст, во кој напиша дека Делчев е бугарски револуционер и составен дел од заедничката историја со Македонија. Додал дека „Делчев е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење и е составен дел од нашата заедничка историја со народот на Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди двата народа“. Краткоста на изјавата сигурно не е ефект на неговото непознавање на историјата, ниту неспособноста на кабинетот да му напише цел трактат, туку, најверојатно, да не си ја урнисува промовираната стратегија „со благо, со кроце и без ќотек“ да ги премине Брегалница и Вардар и да го освои Скопје.
Поинаков беше настапот на Румен Радев, воздухопловниот генерал-мајор, сега цивилен претседател на државата, избран од народот по вторпат на таа функција. Освен неговата торжествена појава на плоштадот „Македонија“ во Благоевград, и тој, применувајќи ги модерните електронски системи на комуникација се огласи на социјалните мрежи. Овој ретко интелигентен и високорангиран генерал, образован во мешавина меѓу руски и американски високи воени школи и доктрини, поранешен командант на воздухопловните сили на Бугарија, го искористи моментот да испрати поинакви сигнали. На нов начин, но со стари пораки – да знаат сите и да имаат на ум што бил и за што се борел Ѓорѓи (Гоце) Делчев. Завиени по стил, но доволно јасни кон оние кон кого се упатени, ако тие се прочитаат на неговиот фејсбук-профил. Нивната адреса е: Република Северна Македонија и Македонците во неа.
Претседателот на Бугарија го поврзува делото на Делчев речиси исклучиво со борбата за обединета Бугарија и за исправање на неправдите од Берлинскиот конгрес во 1878 година, односно борбата за враќање во живот на санстефанска Бугарија, во чии граници била определена и територијата на географска Македонија. Радев говори за една држава, за еден насилно поделен народ, за судбина што трае до денешни дни.

Што напиша Радев за Гоце Делчев

Еве што пишува во таа смисла: (цитирано) „Во историската меморија на нашиот народ има настани кои секогаш ќе нѐ исполнуваат со гордост. Има луѓе кои станале легенди за време на нивниот живот. Бугари со непопустлива волја, патриотизам и посветеност, чиј живот и дело не се вклопуваат во граници и епохи. Само неколку месеци по нејзиното воскреснување во 1878 година, слободна Бугарија била распарчена, а Македонија и Тракија повторно биле поробени. Но Берлинскиот конгрес не успеа да ја угаси ниту вербата на македонските и тракиските Бугари во нивните сопствени сили да го одбранат своето право на достоинствен живот, ниту надежта за слобода. Затоа што имаше луѓе, револуционери како Гоце Делчев.
Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација ги прифати заветите на Васил Левски и ја продолжи борбата во која вечно ќе свети името на Гоце Делчев. И како учител во Бугарската егзархија во Штип и како кадет во Военото училиште во Софија и деец на револуционерната организација, Гоце Делчев целиот свој живот го посветил на слободата на Македонија и Одринско.
Даме Груев се сеќава на зборовите на Гоце Делчев: ’Ние, Бугарите од Македонија и Одрин, не треба да го изгубиме од вид фактот дека има и други народи и земји кои се многу заинтересирани за решавање на ова прашање. Интервенција на Бугарија ќе предизвика интервенција на соседните земји и може да доведе до распаѓање на Македонија…’ ’Во оваа света кауза Гоце Делчев постојано повикуваше дека мора да се бориме за слободата на Македонија и Едрене сами со заеднички напори и жртви за да не допуштиме друга поделба‘.
Страдајќи од насилната поделба на својот народ, дејците на ВМОРО сфатија дека македонското прашање го буди не само светлиот идеал за национално обединување на Бугарите, туку и корисните цели на големите сили и блиските и подалечните соседи“. (горенапишаното се цитати од обраќањето на претседателот Радев з.м.)
Осврнувајќи се на одбележувањето на денот во смисла на актуелната ситуација, Радев повторно асоцира на судбината на еден поделен народ во две држави, кој треба да се освести и повторно да се обедини, користејќи го делото на Делчев. „Инспирирани од примерот на Гоце Делчев, (вели Радев) волјата и силата, чесноста со која тој го водеше ослободителното движење, нашите предци негуваа во себе храброст и сила со која го поддржаа светлиот идеал – слобода и достоинство за секој човек. Денес, – вели Радев – од двете страни на границата, потребна ни е таква сила и храброст да се ослободиме од заблудите, да ги отфрлиме нашите вкоренети поделби и идеолошки окови и заедно да најдеме пат напред“.
Следејќи ја доследно својата политика, сосема е јасно на кого мисли Радев и кому му препорачува да се ослободи од заблудите, да ги отфрли вкоренетите поделби и идеолошки окови. Ако се тврди дека Бугарија нив одамна ги отфрлила, таа задача, таа обврска се однесува кон Македонија и Македонците, заблудени во својата самостојност, во својата историја, јазик и писмо.

Чија е „нашата земја“?

Македонското одбележување на Гоцевото раѓање помина повеќе со страв одошто со радост. Страв од Бугарите, уште поголем од себеси и од својата немоќна политика. Македонските власти, од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, од Зоран Заев, па наваму, газат по јајца за да не го вознемират бугарскиот дух, кој постојано мавта со меч. Така се однесуваа и на 4 февруари 2022 г., така се однесуваат во сите средби и новиот премиер и неговите министри.
Можеби треба да се има разбирање за тоа што министерот за надворешни работи Бујар Османи во своите говори, изјави и интервјуа речиси никогаш не ги спомнува македонскиот народ и Македонците. Не ги користи тие термини. Тој зборува за спор меѓу народи и држави. Но упадливо е што и сите други министри, официјални лица и пратеници во Собранието, како да се срамат да ги изговорат зборовите – Македонци, македонски народ, вклучувајќи го името и на Република Македонија, макар била и Северна. Во објаснувањата на релациите со Бугарија речиси сите ги употребуваат термините „двете држави“, „двата народа“, никогаш не споменувајќи го македонскиот народ. А токму станува збор за неговата судбина и иднина. Во историските недоразбирања со Бугарија не се во прашање ниту Албанците, ниту Турците, ниту Србите, ниту Власите, ниту Ромите, ниту Бошњаците во Македонија. Во прашање се токму Македонците, нивниот идентитет, нивната историја, јазик и писмо.
Од македонските министри и други официјални лица, дури и за внатрешна употреба, сѐ почесто се слушаат термините „мојата земја“, „нашата земја“, „нашиот народ“, ословувања што за Македонија ги користеа странските претставници што доаѓаа во службена посета на земјата. На нашите им се суши јазикот кога треба да го изговорат зборот Македонци. Дали македонските политичари се срамат, дали им е речено од странските советници така да постапуваат, тешко е да се претпостави, но може да се заклучи дека тоа неименувањето на името на народот е тешка навреда и кршење на Уставот, во кој Македонците се конститутивен, домицилен и мнозински народ на државата, барем засега.
Навистина речиси и да нема човек што не посакува добри односи меѓу Македонија и Бугарија. Заслужуваат поддршка новиот пристап и обострано покажаната добра волја да се надминат разликите, Бугарија да го симне ветото и на Македонија да ѝ се отвори патот за почеток на преговори со Европската Унија. Но сите предвидени планови и проекти ќе пропаднат во вода ако се инсистира само на една вистина, само на бугарската. Таквиот однос ниту е фер, ниту пријателски, ниту добрососедски.