Атакот врз гласачите во Мелбурн, постиран и споделуван на социјалните мрежи претставува шокантно, грдо и грубо кршење на изборниот молк и притисок врз гласачите, оценува ЦИВИЛ.
За време на изборниот молк, како што соопшти, овој антидемократски акт се злоупотребува на социјалните мрежи и во Македонија.
– Најостро го осудуваме кршењето на изборниот молк и бараме од институциите решително да го спречат секое кршење на Изборниот законик, кршењето на изборниот молк, поткупот и притисоците врз гласачите во која било форма. Говорот на омраза мора да престане, наведува ЦИВИЛ.
Според ЦИВИЛ, грубо кршење на референдумскиот молк е регистрирано во Радишани во текот на попладневните и вечерните часови на 28 септември. Референдумскиот молк го кршат и партијата Левица, како и функционери на ОК ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Кршење на молкот се бележи и на фејсбук страницата на партијата Единствена Македонија, како и преку фејсбук профилот на еден од лидерите на Тврдокорните.
– Улиците, особено автобуските постојки беа преплавени со летоци на Бојкотирам, а агитацијата против референдумот продолжи и во вечерните часови. Реагираме и на крајно навредливата содржина во однос на родовите прашања. Дел од пропагандниот материјал на бојкотирачите има содржини и пораки кои се крајно навредливи за жените. Флаери потпишани од Левица со порака „Бојкотирам“ беа фрлени во влезовите во зградите во центарот на Скопје, вклучувајќи го и влезот во седиштето на ЦИВИЛ во утринските часови на 29 септември, информира ЦИВИЛ.
Кршење на референдумскиот молк од структури што го поддржуваат бојкотот, освен во Центар, Бутел и Прилеп, ЦИВИЛ бележи и во Штип, Кочани, Пробиштип, Гази Баба, како и во неколку други општини низ земјата. Тимот за анализа и координација на ЦИВИЛ обработува уште триесетина извештаи од цела Македонија.
Очигледно е, смета ЦИВИЛ, дека кампањата во голем дел се потпира на социјалните медиуми како Фејсбук, Твитер и Инстаграм, а изборниот молк се крши токму преку социјалните мрежи. Се користат сите можни недостатоци и отсуство на законски ограничувања, за да се води валкана политичка борба, надвор од сите демократски и етички норми.
До набљудувачите на ЦИВИЛ стигнале и пријави од граѓанин за агитација и во општина Лозово, од страна на активисти на СДСМ во време на молкот, на 28 септември, додека во неколку приватни фирми во Гевгелија, во сопственост на семејство што го поддржува бојкотот, изминатите денови и за време на референдумскиот молк се врши отворен притисок врз работниците да не гласаат. „Ако излезете на гласање, не доаѓајте на работа“ е главната порака на сопствениците, според сведоштвата до кои дошле набљудувачите на ЦИВИЛ.
Организацијата потенцира дека се залага за максимално почитување на правото на глас и ги охрабрува граѓанките и граѓаните тоа право да го искористат.
– ЦИВИЛ не води кампања, ниту ЗА, ниту ПРОТИВ, а го уважува и правото на гласачите да апстинираат, но остро се спротивставува на говорот на омразата, притисоците и поткупот, стои во соопштението.
ЦИВИЛ ги повикува граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ утре ќе отвори прес центар што ќе работи од 6 наутро до полноќ.