Вооружените сили на Русија досега не формирале ниту една ударна група, што би укажало дека се подготвува напад на Украина, изјави министерот за одбрана на Украина, Алексеј Резников.
Како што наведе, податоците со кои располага украинската разузнавачка служба, службите на земјите-партнери на Киев, покажуваат дека состојбата е иста како и во пролетта минатата година.
– Значи, како што сега стојат работите, не е формирана ударна група на руските вооружени сили, што би укажало дека тие утре ќе тргнат во офанзива – изјави Резников.
Тој нагласи дека има ризични сценарија и дека тие се можни во иднина.
– Но, денес таква демонстрација, таква закана не постои – нагласи Резников.
Министерот нагласи дека не го „ценел многу“ сценариото за можна руска офанзива на 20 февруари, за кое разговарал командантот на операцијата на здружените сили на Украина, Александар Пављук.
– Нашите вооружени сили, нашата команда, Генералштабот ги разработија сите сценарија на најлошите опции за да знаат што да прават во случај на офанзива – објасни Резник.
Одлуката за предвремено повлекување на дипломатите е прерана
Одлуката за евакуација на дипломатите и членовите на нивните семејства од Украина, која во понеделникот ја соопштија повеќе земји, е прерана, оцени денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
– Имаме 129 дипломатски претставништва на територијата на Украина. Четири мисии соопштија дека почнале да ги евакуираат своите дипломати од безбедносни причини. Останатите изјавија дека не гледаат причини за евакуација, и дека ќе продолжат да работат со целиот персонал, вклучувајќи ги и членовите на семејствата на дипломатите – изјави Кулеба за украинската ИЦТВ, пренесе руската агенција ТАСС.
Сепак, тој додаде дека смета оти одлуката за евакуација била прерана.
– Немаше суштински, практични причини за тоа. Не сакам да ја минимизирам ситуацијата или нивото на закана, но се треба да биде добро осмислено и навреме направено – изјави Кулеба.
Секретарот на Украинскиот совет за национална безбедност и одбрана Алексеј Данилов вчера изјави дека амбасадите на Австралија, Обединетото Кралство и САД најавиле евакуација на нивниот дипломатски персонал од Украина.
Според ТАСС, Западот и Киев неодамна шират тврдења за наводна руска потенцијална инвазија на Украина, што портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги опиша како „празни и неосновани“ тврдења кои имаат за цел да придонесат за ескалација на тензиите.