Досегашниот министер за здравство Венко Филипче го сумираше своето работење во изминатите четири години.
– Ми беше чест и задоволство во изминатите 4 години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд. Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани – рече Филипче.
Тој посочи дека обезбедени се лекови за пациенти со ретки болести, како и тоа дека и покрај еконмската криза инвестициите во здравството не биле сопрени.
– Пандемијата донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи. Но, овој период ќе го паметиме и по убави нешта. Во екот на пандемијата ја изведовме првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведовме уште 5 со што е направен историски чекор во македонската кардиологија. За првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија. На крајот на мојот ангажман како министер за здравство, сакам јавно да им се заблагодарам на моите колеги здравствените работници. Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму. Ви благодарам – рече Филипче.
Синоќа во Собранието беше изгласан новиот состав на Владата, на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Нов министер за здравство е Беким Сали, од редовите на Алтернатива.