Јасмин Шериф
Пандемијата на ковид-19 беше погубна за светот. Таа однесе повеќе од 4,7 милиони животи, предизвика пад на глобалниот БДП за 4,6 отсто во 2020 година и втурна дополнителни 119 до 124 милиони луѓе во екстремна сиромаштија. Денес речиси секој трет човек на глобално ниво нема доволно храна, додека конфликтите и природните катастрофи предизвикани од климатските промени ги принудуваат семејствата да ги напуштат своите домови. Како резултат на прекините во образовниот процес, децата од најпогодените региони најмногу заостануваат во учењето. Кога светските лидери го претставија глобалниот фонд на Обединетите нации за образование во вонредни состојби и долготрајни кризи, наречен „Образованието не може да чека“, на светскиот хуманитарен самит во 2016 година, на 75 милиони деца и млади на глобално ниво им беше скратено правото на образование како резултат на конфликти, раселување и природни катастрофи.
Како што ковид-19 и натаму е проблем за најнеразвиените земји во светот, покрај другите кризи, бројот на деца што не одат на училиште се зголеми на околу 128 милиони. Ова е груба процена, која најверојатно ќе се зголеми како што се продлабочуваат кризите во светот, а веќе станува збор за сериозна бројка. Во исто време, два од три ученици на глобално ниво сè уште се погодени од затворањето на училиштата. Многу од нив, особено девојчињата, можеби никогаш нема да се вратат во редовното образование, што го зголемува ризикот од пораст на детските бракови и детскиот труд.
Образованието е основа за мир, стабилност, економски просперитет и општествен напредок. Со оглед на тоа што пандемијата, климатските промени и геополитичките промени го водат светот до пресвртница што ќе ја дефинира траекторијата на човековиот развој за генерациите што доаѓаат, ние мора итно да реагираме за да го направиме образованието главен приоритет. На годинешниот висок политички форум на ООН за одржлив развој, генералниот секретар Антонио Гутереш побара од лидерите повторно да размислат како да се распределат ресурсите и да се одговори на глобалните предизвици додека се работи на постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година. Тешко е да се замисли подобра инвестиција отколку онаа во образованието.
Првенствено, инвестирањето во образованието за сите, вклучувајќи ги и децата погодени од кризите, може значително да придонесе за долгорочен економски раст. Студиите покажуваат дека секоја дополнителна година учење може да ги зголеми приходите од осум до десет отсто. Исто така, Светската банка проценува дека овозможувањето на секоја ученичка да заврши дванаесетгодишно образование може да генерира дополнителни 15-30 илјади милијарди долари во продуктивност и заработка во текот на целиот живот.
Истражувањата исто така покажуваат дека насилните конфликти се намалуваат до 37 отсто кога девојчињата и момчињата имаат еднаков пристап до образование. Затворањето на родовите јазови во образованието може да придонесе за намалување на климатските промени и гладот, како и за поттикнување на почитувањето на човековите права. Една генерација жени професионалци и лидери би можеле да се стекнат со моќ да ги прекинат циклусите на сиромаштија, насилство, раселување и глад. Всушност, економските придобивки само од проширувањето на образованието за девојчињата би можеле значително да ги надминат финансиските трошоци од потребните инвестиции, овозможувајќи придобивки што ќе траат со генерации.
За бизнисите, овој економски неочекуван успех води кон отворање нови пазари, промовирање на стабилноста во регионите каде што владее хаос и зајакнување на долгорочната одржливост на инвестициите. За владите, ветувањето за побрз економски раст значи и повеќе приходи. Повеќето ресурси ќе им овозможат на политичарите подобро да одговорат на климатската криза, да ја зајакнат заштитата на животната средина, да изградат патишта и продуктивна инфраструктура и да обезбедат основна здравствена заштита, образование и социјални услуги.
Децата што се наоѓаат во конфликтните зони и се на работ на глад ќе имаат најголеми придобивки. За нив, квалитетно образование значи безбеден простор за учење, пристап до услуги за негување на менталното здравје, училиштен оброк и пристап до вода и санитарни услови. Само 220 долари годишно можат да му обезбедат холистички квалитетно образование на детето што живее во кризни услови, додека внатрешното раселување ја чини глобалната економија над 20 милијарди долари годишно, или околу 390 долари по раселено лице.
Иако е постигнат одреден напредок, сега треба да се направи повеќе. На глобалната тркалезна маса, која ја организираа Обединетото Кралство, Канада, УНХЦР и фондот „Образованието не може да чека“, специјалниот пратеник на ООН за глобално образование, Гордон Браун, ги истакна процените на Светската банка, кои укажуваат дека исполнувањето на образовните потреби само за децата бегалци ќе чини над 4,8 милијарди долари годишно. Затоа, мора да ги поттикнеме инвестициите потребни за да се надмине овој јаз. Поточно, јавните донатори, приватниот сектор и клучните засегнати страни, како што се филантропските фондации, истакнатите поединци и локалните власти мора итно да мобилизираат стотици милиони долари дополнителни средства за фондот „Образованието не може да чека“.
Додека ги преиспитуваме хуманитарните и развојните интервенции во 21 век, образованието мора да има централно место во нашиот одговор на нарушувањата поврзани со пандемијата, насилните конфликти и климатските промени. Сега мора да преземеме храбра акција. За милиони деца чија иднина е загрозена од актуелните кризи, образованието мора да биде на прво место.
Авторката е директорка на глобалниот фонд на ООН „Образованието не може да чека“