Последните четири децении на глобализацијата и технолошките иновации им овозможија на оние со развиени вештини, богатство и врски да ги искористат предностите на новите пазари и можности, што не беше случај за обичните работници. Во напредните економии, заработката за оние со пониско образование често стагнира и покрај добивките во вкупната продуктивност на трудот. Во земјите во развој, каде што стандардната економска теорија предвидуваше дека работниците ќе бидат главни корисници од проширената глобална поделба на трудот, корпорациите и капиталот повторно собраа најголеми придобивки. Како резултат на глобалната пандемија на ковид-19, проблемите со трудот добиваат повторно внимание. Но како можат работниците не само да го добијат својот правичен удел туку и да имаат пристап до пристојни работни места што овозможуваат достоинствен живот?
Еден пристап е да се потпреме на просветлениот личен интерес на големите корпорации. Среќните, исполнети работници се попродуктивни, со помала веројатност да дадат отказ и со поголема веројатност да обезбедат добра услуга за клиентите. Зејнеп Тон од МИТ покажа дека малопродажните претпријатија можат да ги намалат трошоците и да го зголемат профитот со давање добри плати, инвестирање во своите работници и одговарање на потребите на вработените. Но многу фирми што тврдат дека го почитуваат високиот морал во работните стандарди се исто така силно насочени против синдикатите. Следењето на неморалниот пат со минимизирање на платите на работниците и нивниот став е премногу често профитабилна корпоративна стратегија. Историски гледано, компензациската моќ на трудот, преку колективна акција и синдикално организирање, е таа што ги донесе најзначајните придобивки за работниците.
Втората стратегија за помош на работниците се состои од зголемување на организациската моќ на трудот во однос на работодавците. Американскиот претседател Џо Бајден експлицитно го поддржа овој пристап, тврдејќи дека намалувањето на американската средна класа е последица на падот на моќта на синдикатите и вети дека ќе ги зајакне организираната работна сила и колективното договарање. Во земји како што се САД, каде што синдикатите станаа значително послаби, оваа стратегија е неопходна за да се поправи нерамнотежата во преговарачката моќ. Но искуството во многу европски земји, каде што организацијата на трудот и колективното договарање остануваат силни, сугерира дека тоа можеби не е целосниот лек. Проблемот е што силните работнички права можат да создадат и дуалистички пазари на труд, каде што придобивките се акумулираат на „инсајдерите“, додека многу помалку искусни работници се борат да најдат работа. Опсежните колективни договарања и цврстите работни регулативи генерално добро им служат на француските работници. Но Франција има една од највисоките стапки на невработеност кај младите меѓу напредните економии.
Третата стратегија, која има цел да ја минимизира невработеноста, е да обезбеди соодветна побарувачка на работна сила преку експанзивни макроекономски политики. Кога фискалната политика ја одржува високата вкупна побарувачка, работодавците се во потрага по работници и на тој начин невработеноста може да остане ниска. Но иако цврстите пазари на трудот можат да им помогнат на работниците, тие исто така можат да претставуваат ризик од инфлација. Освен тоа, макроекономската политика не може да цели на најнискоквалификуваните работници или регионите каде што се најпотребни работните места.
Четвртата стратегија е да се промени структурата на побарувачката во економијата за да се опфатат помалку образованите работници и особено помалку развиените региони. Недостигот од сигурни работни места за средната класа, како резултат на глобализацијата и на технолошките промени, е тесно поврзан со исчезнувањето на работничката класа и продажбата во услужниот сектор и бирократските позиции. Политичарите мора да се фокусираат на проширување на понудата на работни места во средината на спектарот на квалификации за да се поништат овие поларизирачки ефекти. Ова подразбира ревидирање на постојните индустриски и деловни програми за развој, така што стимулациите ќе бидат насочени за фирмите што најверојатно ќе генерираат пристојни работни позиции на вистинските места и ќе бидат дизајнирани така што ќе ги имаат предвид потребите на овие фирми. Конвенционалните индустриски политики што се насочени кон производството за кое се неопходни висококвалификувани работници и значаен капитал, но и во голема мера се потпираат на даночни олеснувања, нема да придонесат многу за да го поттикнат проширувањето на добрите работни места за оние на кои им се најпотребни.
Дополнително, мораме експлицитно да размислиме како новите технологии им помагаат или им штетат на работниците и да ги преиспитаме националните политики за иновации. Тековниот наратив се фокусира речиси исклучиво на тоа како работниците треба да се преквалификуваат за да се приспособат на новите технологии и премалку на тоа како иновациите треба да се приспособат на вештините на работната сила. Според економските експерти, насоката на технолошката промена е флексибилна и зависи од ценовните стимулации, даноците и нормите што преовладуваат меѓу иноваторите. Владините политики можат да помогнат да се насочат технологиите за автоматизација и вештачка интелигенција по попријатен пат за работниците, што ги дополнува нивните вештини наместо да ги заменува. На крајот на краиштата, зголемувањето на заработката од трудот и достоинството на работата бара и зајакнување на преговарачката моќ на работниците и зголемување на понудата на добри работни места. Тоа ќе им даде на сите работници подобар договор и поправеден дел од идниот просперитет.
Авторот е професор по меѓународна политичка економија на школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ на универзитетот „Харвард“ и претседател на Меѓународната економска асоцијација.