Поранешниот министер за здравство и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, денеска изјави дека нема да му се извини на премиерот Зоран Заев за изјавата дека „негови сопартијци и тој лично нудел пари пратеничка за да ја придобие при формирање на парламентарно мнозинство“.
Таравари пред новинарите во Гостивар изјави дека тврди оти ја зборувал вистината кога го кажал.
-Тој знае дека и јас знам. Ако ги решил другите проблеми и покрупни прашања, слободно нека ме тужи, тука сум. Меѓутоа ќе дојде времето кога за оваа работа ќе се прозбори јавно. Бидејќи сме во хибриден режим и не сакам да вовлекувам нашите пратеници во непријатна ситуација, оваа приказна и таа тема ќе ја завршам тука. Јасно е што е направено – изјави Таравари, генералниот секретар на Алијанса на Албанците.
Таравари неодамна во телевизиско интервју обвини дека, како што рече тогаш, „низ земјава се шетало со куфери полни пари“ и оти пратеничка од редовите на Алијанса за Албанците „добила понуда од пријатели на премиерот и од него лично да премине од опозиција во владејачкото мнозинство“. Заев на тоа реагираше со демант и побара Таравари јавно да му се извини, оти во спротивно ќе го тужи.
Таравари денеска ги коментираше и шансите на Македонија за старт на преговорите со Европската унија на претстојниот декемвриски состанок на Советот на Европа и изјави дека тој и неговата партија посакуваат датум, но дека според сигналите од Бугарија, тој е песимист за добивање датум.