Србија
Во рамките на напорите да се отстранат штетните последици од инфлацијата и да се спречат нарушувања на пазарот, Владата на Србија ги ограничи цените на основните прехранбени продукти. Ограничувањето на цените ќе се однесува на шеќер, брашно тип 400, сончогледово масло за јадење, свински бут и млеко со 2,8 отсто млечна маснотија, пренесуваат тамошните медиуми.
Како што се наведува во веста, оваа одлука нема да се однесува на намалени цени, како продажби, сезонски попусти или специјални распродажби, туку на редовни, односно цени пред попусти.
Одлуката, која ќе се применува за период од 60 дена, предвидува и производителите да не смеат да ги испорачуваат овие производи во количества помали од просекот во последните 12 месеци.
За непочитување на наведените одредби, предвидени се парични казни во износ од 100.000 (850 евра) до два милиони динари (17.000 евра), како и забрана за вршење дејност во период од шест месеци до една година.