ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ

Македонија загуби од Италија

Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана 12-та пред турнирот) го доживеа вториот пораз на Шаховската олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи, која се игра во Грција. Во третото коло македонските шахисти загубија од Италија (1.967, рангирана осма) со 1-3. Единствено Жарко Селковски (1.994 рејтинг-поени) со бели фигури на првата табла го победи, посилниот по рејтинг, Франко Антонини (2.115), додека Зоран Костадиновски (1.928) загуби од Марко Касадеи (1.957), Блаже Атанасовски (1.794) од Берсан Вриони (1.936), а Трајче Димов (1.776) од Џанкарло Бадано (1.859). Во четвртото коло, Македонија вчера играше со Хрватска, која пред ШО беше рангирана 13-та (1.858), едно место зад Македонија. На ШО играат 22 репрезентации, со вкупно 109 шахисти. По три кола, Македонија е 19-та, со два бода (3,5 поени по табли), а водат Полска и Русија, со по шест бода. Г.И.


ФУДБАЛ

Меси 34-ти пат постигна два гола на меч во ЛШ

Лионел Меси беше спасителот на ПСЖ на мечот со Лајпциг (3-2), со постигнатите два гола (вториот од пенал со т.н. паненка), по 34-ти пат во фудбалската Лига на шампионите, со кои парижаните негативата од 1-2 ја претворија во победа. Меси стигна до бројката од 123 гола во ЛШ, а Лајпциг е 37-та екипа против која постигнува барем два гола. Килијан Мбапе не искористи пенал во финишот од мечот, го промаши голот, откако претходно 11 пати по ред биеше прецизно од белата точка.
– Му реков на Меси тој да го изведе првиот пенал. Нормално, тоа е поради почитта. Тој е најдобриот играч на светот, привилегија е што игра со нас. Јас секогаш велев кога ќе има пенал, тој го изведува и точка. За вториот, тој ми рече да го шутирам – изјави Мбапе, стрелецот на првиот гол за ПСЖ на тој меч. Л.Д.


Алер е втор фудбалер со шест гола на првите три меча во ЛШ

Ајакс ја забележа третата победа по ред во групната фаза сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), над Борусија Дортмунд, со 4-0, а во листата на стрелци повторно се запиша Себастијан Алер, за него шести гол на трите меча сезонава. Тој е вториот фудбалер што постигнува шест гола на првите три меча во ЛШ, по Ерлинг Холанд, напаѓачот на Борусија, тогаш за Салцбург. Алер, напаѓачот на Брегот на Слоновата Коска, во првото коло беше стрелец на четири гола на дуелот со Спортинг (5-1), во дебито во ЛШ, со што се израмни со Марко ван Бастен, кому тоа му успеа во 1992 година. Алер потоа постигна еден гол и против Бешикташ (2-0) и стана првиот со пет гола на првите два меча во ЛШ. Л.Д.