СП на две години би го девалвирало самото натпреварување, финансиски ќе ги обесправи гледачите и ќе го забави развојот на фудбалот за жени и на младинскиот фудбал низ целиот свет. УЕФА ќе продолжи да се противи сѐ додека не завладее здравиот разум и не се откажат плановите, вели УЕФА
УЕФА НЕ СЕ СОГЛАСУВА СО ФИФА
Европската фудбалска унија (УЕФА) го интензивира своето противење на плановите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за организација на светските првенства (СП) на две години, велејќи дека ќе биде против, сѐ додека „здравиот разум не надвладее и тоа не биде отфрлено“, пишува „Индепендент“. ФИФА сака да го скрати времетраењето помеѓу главните турнири, за мажи и за жени, на две години, како дел од ревизијата на меѓународниот календар од 2024 година, и во моментов се консултира со националните асоцијации, конфедерации, гледачи, клубови, играчи и лиги.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, претходно изјави дека европските земји би можеле да го бојкотираат светското првенство доколку се усвојат измените.
– СП на две години би ги оштетило сите форми на фудбал, би го девалвирало самото натпреварување, финансиски ќе ги обесправи гледачите и ќе го забави развојот на фудбалот за жени и на младинскиот фудбал низ целиот свет. Има толку многу причини што клубовите, лигите и гледачите се обединети во спротивставувањето на тоа. УЕФА има одговорност за играта во Европа и сака да се погрижи овој непотребен дополнителен товар врз елитните играчи да не оди на штета не само на нивното физичко и ментално здравје туку и пошироко на играта. Од идејата за единствен меѓународен термин, до целосно игнорирање на неизбежните ефекти врз натпреварите за жени и врз младинските мечеви, овој концепт ги има сите белези на одлуката што ФИФА сака да ја донесе набрзина. УЕФА ќе продолжи да се противи сѐ додека не завладее здравиот разум и не се откажат плановите – се вели во соопштение на УЕФА.