Образовните работници велат дека засега немаат посебни упатства како да се изведува часот по физичко, па се придржуваат до постојните протоколи. Специјалистите по спортска медицина сметаат дека ниту еден час по физичко воспитување не треба да се одржува со заштитни маски на лицата на учениците и препорачуваат физичките вежби засега да се изведуваат исклучиво на отворено и без маски
Исти антиковид-протоколи и за часовите во училница и за наставата по физичко во сала
Ако лани поради изведување на онлајн наставата учениците беа поолабавени и лишени од часовите по физичко, оваа учебна година тие имаат можност повеќе да бидат активни, со оглед на одлуката за нивно физичко присуство на наставата. Сепак и тука се јавуваат одредени тешкотии и нејаснотии поврзани со обврската за задолжително носење заштитна маска, но и прашањето како да се трча и вежба со маска преку устата и колку е тоа препорачливо и практично изводливо. Како што велат од некои основни училишта, часовите по физичко засега се изведуваат надвор, на отворен простор во училиштата или во спортските сали. Додека вежбаат на отворено учениците не мора да носат маски, но со влегувањето во сала, тоа е задолжително, како што е задолжително и одржувањето растојание од еден до друг ученик, како на отворено така и во сала. Наставници по физичко воспитување тврдат дека не практикуваат тешки физички вежби, за учениците да можат полесно да дишат под маски, и додаваат дека засега немаат посебни упатства како да се изведува часот по физичко. Тие објаснуваат дека се придржуваат до оние општи протоколи што МОН веќе ги имаше објавено, редарска служба за контрола на влезот и излезот на училиштето и ред за време на големите одмори, потоа мерење на температура на вработените и на учениците во училиштето, како и редовна дезинфекција на училниците и на ходниците, редовно проветрување, како и чистење на фискултурните сали, кујните и на соблекувалните веднаш по нивното користење.
Од МОН ни потврдија дека истиот протокол за постапување во училишта се користи и во овој случај, а таму во членот 22 стои: „Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта, соблекувалните, училишните трпезарии и другите помошни простории се врши веднаш по користењето од страна на секоја група ученици“.
Наставата по физичко засега се одвива на отворено и внатре во спортската сала со маска и дистанца помеѓу учениците. Кога се на отворено, можат и да не носат маски, а наставата се изведува без групирање на децата, на одредено растојание помеѓу нив. Се придржуваме на насоките што ни беа дадени од МОН, а за понатаму како ќе се одржуваат часовите по физичко воспитување немаме посебни упатства. Сега во сала може да влезе само едно одделение, битно е да нема мешање на две различни одделенија. Учениците влегуваат со маски и поради тоа изведуваат полесни вежби, кои нема да го отежнат дишењето. По секое користење, салата се чисти и дезинфицира – вели Хари Стојановски, директор на ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ во општината Кисела Вода.
Тања Синадиновска, наставничка по физичко воспитување во ова училиште, додава дека се водат според досега познатите протоколи.
Додека се убави временските услови, часовите ги држиме на отворено, но и во спортската сала. Кога учениците влегуваат во сала, задолжително влегува само едно одделение и со маски, а секој ученик застанува на обележено место, со што тие се на одредено растојание еден од друг и не смеат да ги допираат реквизите без одобрување. Поради тоа што носат маски, не им даваме вежби што ќе предизвикаат отежнато дишење. По часот се прави дезинфекција на салата и на користените реквизити, всушност правиме сѐ во интерес на здравјето на сите. Доколку од МОН добиеме посебни упатства како понатаму ќе се изведуваат часовите по физичко, тогаш ќе постапуваме по нив – појасни Синадиновска.
Некои родители, пак, се прашуваат дали и како може да влијае на здравјето тоа што учениците ги носат маските и по шест-седум часа. Некои од здравствените работници сметаат дека платнените маски што ги носат децата се полесни за дишење отколку маските KН 95.
Би било прехрабар потег да се тргнат маските, како што направија во Шведска. На настава по физичко, колку што знам, нема протокол да се носат маски. Еве, гледаме и на пресови, во Влада, кога некој зборува, зборува без маска и мислам неоправдано е да се носи маска на часовите по физичко. Нема логика, како што нема логика на вакво време часовите да се држат во спортските сали кога може на отворено, барем додека е убаво времето. Ако е колку да се одржи час по физичко воспитување, колку да помине, тогаш воопшто и нека не го држат. Носењето маски, се разбира, има корист да не се заразат децата, но сигурно дека има и штетни последици, особено ако маската е инфицирана може да го зголеми бројот на микроорганизми. Доколку има зголемена физичка активност, може да ја намали сатурацијата, но маските што ги носат децата се платнени и се полесни за дишење – објаснува професор д-р Никола Пановски.
Неговиот колега, д-р Зоран Ханџиски, специјалист по спортска медицина, смета дека часовите по физичко воспитување треба да се одржуваат исклучиво на отворен простор, бидејќи, според него, во овие услови на пандемија салите немаат услови.
Според мене, генерално, ниту еден час по физичко воспитување не треба да се одржува со заштитни маски на лицата на учениците. Прво има деца што неправилно ги носат маските и носат платнени маски, кои никако не штитат, а овој вирус се шири преку аеросоли, затоа маската треба да ги покрива устата и носот.
Секоја физичка активност може да се изведува на отворено, на свеж воздух, дури и на температура под 10 Целзиусови степени, и никако со заштитни маски на лицата. Носење маска пет-шест часа никако не е пожелно, маските треба почесто да се менуваат. По подолго носење маска КН 95, која штити, потребна е замена или нејзино дезинфицирање со алкохол. Сметам дека програмата за физичко воспитување многу лесно може да се адаптира за изведување на отворено и сметам дека настава по физичко децата треба да имаат помеѓу часовите, да вдишат чист воздух, а не на крајот, како последен час во денот. Наставниците може многу лесно методските единици да ги адаптираат на отворен простор, но и да импровизираат, за децата да имаат корист од часот по физичко – објаснува д-р Ханџиски.