Со проекциите на документарни филмови на 3 и 4 септември во Виница и Пекљани заврши годинашното Патувачко кино на „МакеДокс“, кое се одвиваше во викенд-формат во текот на јули, август и септември и посети седум населени места во Источниот плански регион на државата.
Проекцијата во Виница се одржа на 3 септември пред Домот на културата „Тошо Арсов“. Градот Виница е најпознат по Виничкото кале, бројните археолошки локалитети и фантастичните ранохристијански теракотни икони. На културен план позната е манифестацијата „Ин Виница веритас“. Во тивкиот, мирен и питом амбиент на градот Патувачкото кино на „МакеДокс“ најде срдечен прием, а покрај многубројната млада публика меѓу посетителите на проекцијата беше и Асан Алиу, поранешен кинооператер на некогашното кино во Виница. Алиу уживаше во проекцијата на документарни филмови, но се потсети и на времето кога тој ги менувал филмските ленти на проекторот во киното што веќе 15-ина години не работи.
Селото Пекљани (Пеклани) се наоѓа на околу 12 километри југоисточно од Виница. Сместено на падините на Обозна Планина селото е постојано населено уште од времето на Османлиското владеење. Во селото има и црква и теќе, но и споменик од НОБ. Во овој период се населени околу 150 куќи, а проекцијата на Патувачкото кино се одржа во дворот на подрачното училиште „Никола Парапунов“.
Најубави чувства кај екипата на „МакеДокс“ се создаваат кога целото село ќе дојде на проекција. Меѓу посетителите го сретнавме актерот Столе Мицов од Театар Комедија. Тој ни откри дека по потекло е од Пекљани, средно училиште завршил во Виница, а Факултет за драмски уметности во Скопје. Откако почна пандемијата на коронавирусот многу често е во своето родно место, а почнал да сади и лешници.
– Досега тоа не го разбирав многу, но откако почна пандемијата најголем дел од времето сум во Пекљани, тука се моите родители и мојот вистински роден дом, а тоа многу ми значи – открива Мицов.
По завршувањето на проекцијата, ѕвезденото небо над Пекљани беше сведок на разговорите помеѓу мештаните и екипата на Патувачкото кино до доцна во ноќта.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го смени својот формат и се одржа во четири викенди во различни месеци од летниот период. Покрај Пекљани и Виница, проекции имаше и во Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни), две проекции во Штип (2 и 3 јули), како и во Кочани (9 јули) и Оризари (10 јули). Патувачкото магаренце на „МакеДокс“ се врати во Скопје и веќе размислува за следните патешествија на 13-тото издание следната година.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк и Лице в лице.
Сите активности на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се одвиваа согласно протоколите за одржување на културни настани во време на пандемија.