Научниците со години предупредуваат дека зголемените температури на Арктикот ризикуваат детонација на „темпирана бомба“ на метан, или древни наслаги на стакленички гасови заробени во мраз. Сателитските снимки од северен Сибир покажуваат дека огромни парчиња варовник, кои некогаш биле заробени под вечниот мраз, сега се одмрзнуваат и провираат на површината. Кога варовникот се загревал за време на минатогодишниот топлотен бран што ја погоди сибирската област, тој почнал да пука и да испушта огромно количество метан што дотогаш не можеше да стигне до нашата атмосфера.
– Интригантно е. Ако е вистина, тоа не е добра вест – вели климатологот Роберт Макс Холмс од центарот за истражување на климата „Вудвел“.
Меѓународен тим од научници го откри одмрзнатиот варовник на „обратен“ начин.
Благодарение на технологијата за мапирање ПУЛС, експертите прво откриле алармантни емисии на метан преку сателитски снимки, па дури потоа сфатиле од каде точно доаѓа, пренесува „Фјучризам“.
– Откривме дека двете издолжени области со зголемена концентрација на метан на картата ПУЛС совршено се совпаѓаат со двете траги од варовнички формации – рече геологот Николаус Фројцхајм од Универзитетот во Бон.
Холмс рече дека сѐ уште се потребни дополнителни истражувања пред да се крене голема паника. Но тој додаде дека ако се испушти целиот гас во вечниот мраз, тогаш нѐ чекаат катастрофални климатски промени.
– Она што навистина го знаеме е дека огромно количество јаглерод е заробено во вечниот мраз. И додека Земјата се загрева и вечниот мраз се топи, таа древна органска материја е достапна за микроорганизмите за микробиолошки процеси и ослободува јаглерод диоксид и метан – истакна Холмс.