Талибанците со предупредување до САД

Талибанците денеска предупредија дека ќе има последици евентуалната одлука на САД за продолжување на рокот за повлекување на своите војници од Авганистан, кој истекува на 31 август.

Портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, за „Скај њуз“ изјави дека продолжувањето на рокот за повлекување на американските војници ќе значи продолжување на окупацијата и додаде дека нема потреба од тоа.

Тој изјави дека доколку САД или Велика Британија побараат дополнително време за продолжување на евакуацијата, одговорот ќе биде не.

– Тоа ќе создаде недоверба меѓу нас. Ако имаат намера да ја продолжат окупацијата, тоа ќе предизвика реакција – рече Шахин.

Изјавата на талибанскиот претставник следеше по информацијата дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе побара од претседателот на САД, Џозеф Бајден, да го продолжи рокот за заминување на американските војници од Авганистан, со цел да се овозможи евакуација на луѓе кои сакаат да ја напуштат таа земја.


Закана од можни напади на ИСИС на аеродромот во Кабул

Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден предупреди во неделата дека Исламска држава може да изврши напад при евакуацијата на илјадници Американци и авганистански сојузници од меѓународниот аеродром во Кабул.

– Заканата е реална. Акутна е – рече Џејк Саливан, советник за национална безбедност.

Ниту Саливен, ниту други високи американски воени или разузнавачки претставници не дадоа детали за заканите на Исламска држава. Но, сегашните и поранешните функционери велат дека заканите се движат од ракетен напад врз транспортен авион при слетување или полетување до камион натоварен со експлозив или бомбаши самоубијци што се инфилтрирале во толпата пред аеродромот.

Бајден во петокот рече дека американската војска и антитерористичките служби внимателно ги следеле заканите на ИСИС, истакнувајќи дека илјадници затвореници се ослободени во Кабул и други локации. Иако е малку веројатно дека талибанците свесно би ги ослободиле борците на Исламска држава, голем број затвореници, меѓу кои и талибански непријатели, се ослободени поради хаосот во Авганистан.

– ИСИС чекаше ваква можност, каде што нејзините борци ќе можат да го искористат хаосот на теренот за да добијат шанса да нападнат американски војници – рече аналитичарот Колин П. Кларк, цитиран од „Њујорк тајмс“.

Во текот на минатата недела, американските власти предупредија на закани за аеродромот при евакуација на цивили од Кабул.