Компанијата „Мател“, произведувач на куклата Барби, дизајнираше нов модел по примерот на Сара Гилберт, научничката што на „Оксфорд“ ја направи вакцината против коронавирусот.
Гилберт вели дека оваа идеја на почетокот ѝ изгледала чудно, меѓутоа се надева дека ќе ги инспирира децата.
– Се надевам дека куклата ќе им укаже на децата дека постојат и професии за кои тие немаат чуено. Сакам да ги инспирирам новите генерации да се свртат кон науката и се надевам дека кога ќе ја видат куклата со мојот лик ќе сфатат колку е важно да се работи во науката, а со тоа и да се помага на луѓето – вели таа.
Оваа кукла е една од петте со кои компанијата сака да им одаде признание на професиите од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката.
Научничката Сара Гилберт почна со работа на вакцината против коронавирусот на почетокот на 2020 година, кога вирусот за првпат се појави во Кина. Вакцината „Астра зенека“ денес се употребува ширум светот, во повеќе од 170 земји.
Изминатите години компанијата „Мател“ се соочи со бројни критики дека со Барби промовира нереални стандарди. Оттогаш се појавија кукли-пожарникарки, докторки и астронаутки, со разлина боја на кожа.