Македонскиот народен театар со монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба и режија на Ѓорѓи Јолевски, денеска ќе учествува на 22. Интернационален фестивал на монодрамата во Битола.
Монодрамата е во продукција на Ѓорѓи Јолевски, а во копродукција со Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“ од Скопје. Ова е претстава за изолацијата и стареењето, за кревкоста на сеќавањето, за нашиот комплексен однос со технологијата, за свет во кој времето неповратно минува и многубројните ограничувања со кои нѐ соочува животот. Претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69. роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти.
Отворањето на фестивалот беше на 22 јуни во Народниот театар во Битола, фестивалската програма ќе трае до утре, со учество на десет монодрами во официјална конкуренција, сите продуцирани во нашата држава, а изведбата на „Последната лента на Крап“ ќе се одржи во Центарот за култура, Битола, вечерва, со почеток во 22 часот.