Новиот роман „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска беше промовиран на терасата на книжарницата „Литература.мк“. Книгата е во издание на „Арс либрис“.

Дејството почнува во крајбрежна вила во Брајтон, Источен Сасекс, и првично нуди визуелна контемплација кон Ламанш и кон француското копно, кое само се наѕира низ маглата отспротива.
– Карактеристично за мојот начин на творење е што јас случајно поаѓам од една одредена точка (идеја) за романот и еднаш кога „ќе се родат“ ликовите, подоцна тие самите се вплеткуваат себеси во заемни корелации, настани и дијалози. Така беше и во овој конкретен случај, мојот главен машки лик – зрелиот професор по книжевност Е.Л. Адамски во мислите ќе се наврати на своето минато (во времето кога тој бил младо и неискусно момче во Лондон) и спонтано ќе почне да ја раскажува приказната за својот (не)обичен живот – рече авторката.

Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Членка е на ДПМ од 2001 година и е авторка на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999), „Насмевка со цимет“ (2016), „Поглед полн синило“ (2017), „Небото над реката Чарлс“ (2018), „Блесок на пролетта“ (2019). „Брезите што шумеа крај Темза“ е нејзиното најново остварување. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.