РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Избраниците на тренерот Пасквал сезонава забележаа 60 победи на 60 меча во сите конкуренции, станаа први што без пораз стигнале до титулата европски првак, ја остварија највисоката победа во еден финален дуел на ЛШ…

По триумфот над Алборг, со 36-23 (16-11), во финалето на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите во ракомет, во Келн, Барселона ја круниса фантастичната сезона со престижниот трофеј, за европски првак. Во мечот за третото место, ПСЖ славеше над Нант, со 31-28 (17-13). За Барселона ова е рекордна десетта европска круна.

Мотивиран од триумфот над ПСЖ во полуфиналето на турнирот, данскиот шампион Алборг квалитетно и ефикасно го почна финалето, поведувајќи со 5-2 по неколку грешки на шпанскиот гигант, кому му требаа само десетина минути да ги консолидира своите редови и целосно да ја преземе контролата врз играта и врз резултатот. Победата на Барселона со 13 разлика е највисок триумф во едно финале во историјата на ЛШ. Избраниците на тренерот Чави Пасквал ја заокружија перфектната сезона со 60-та победа на 60 одиграни меча (34 во шпанската лига, 20 во ЛШ, три во Купот на кралот, две во Лига-купот и една во Суперкупот на Шпанија). Барселона стана прва што без пораз стигна до титулата европски првак во ЛШ.

Покрај одличниот напад, кој сезонава има просек од 36 гола по меч, еден од клучните фактори за убедливите триумфи на шпанскиот гигант на турнирот во Келн беше голманот Гонзало Перес де Варгас, кој во двата меча имаше 30 интервенции (16 против Нант и 14 против Алборг) и со право го освои признанието за најкорисен играч (МВП). Левото крило на Нант, Валеро Ривера, пак, со 95 гола е прогласен за најдобар стрелец сезонава во ЛШ. Та.Д.


НАЈМНОГУ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ
Барселона 10
Гумерсбах 5
Кил 4