Атина – Варијанта на веќе постојна мутација на коронавирусот, што се појавила во центарот на Атина, претежно кај мигранти, предизвикува загриженост кај грчките епидемиолози. Грчките медиуми, мутацијата, која е слична на нигерискиот сој, ја нарекуваат „атинска“ и, пренесувајќи изјави на епидемиолози и професори, пишуваат дека оваа варијанта побрзо и полесно се шири.
Претседателката на Националната комисија за вакцинација, Мариа Теодориду, рече дека „не може да се каже дека не постои загриженост за која било варијанта што се појавува“, но додаде дека постојат системи за строг надзор и регистрација што го следат развојот. (МИА)

Белград – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека нема никакви промени во мировната мисија на КФОР во Косово.
– Сите 30 сојузници на НАТО, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, се посветени на мисијата на КФОР. Мисијата е најопипливиот и најконкретниот израз на посветеноста на НАТО на целиот регион – рече Столтенберг, по состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. (РТС)

Софија – Додека кампањите за вакцинација низ Европската Унија добиваат забрзување, Бугарија продолжува да заостанува во имунизацијата на населението и оваа земја-членка на ЕУ има најниска стапка на вакцинација. Кон средината на мај, нешто повеќе од еден од десет Бугари ја примија првата доза. Во исто време, Бугарија претрпи една од највисоките стапки на смртност во Европа за време на третиот бран. („24 часа“)


Бисер балкански

На иста страна: фашисти и антифашисти!

– Тоа беше јасно од почеток, но секако изненадува со бесрамност. Значи, кога еднаш на јавен простор се легитимира ревизионистичката логика, тоа не може да се спречи пред природниот крај. А природниот крај е толку очигледен, што звучи неверојатно. Прво се тргна со тоа што партизаните правеле злосторства, а потоа дека нив ништо не ги разликува од фашистите, па се продолжи со тоа што сите се бореле за сопствената нација, на овој или оној начин. Поради тоа, според оваа логика, сите биле антифашисти, вклучувајќи ги и четниците. Од таа теза нѐ делеше чекор од тоа што пред некој ден го видовме во Белград, дека покрај Дража Михајловиќ, на службената прослава на 9 мај се вклучени и нескриените следбеници на фашистичката идеологија, а тоа се Димитар Љотиќ и неговиот Збор, заедно со нивните песни. По ова е јасно што следува. Последната инстанца е дека германските окупатори биле антифашисти. Единствено е неможно да се одговори, а против кого се бореле партизаните и искрените антифашисти, кога сите биле на истата страна? – пишува Драган Марковина, хрватски историчар, публицист, колумнист и левичарски активист од Сплит, во неговата колумна за „Ослобоѓење“.