Најмалку 11 лица се убиени во вооружениот напад во средно училиште во рускиот град Казањ. Напаѓачите, според информациите објавени од медиумите, се двајца тинејџери. Засега не е познат мотивот за нападот.
Сепак, според порталот „База“, еден од напаѓачите отворил канал на апликацијата Телеграм непосредно пред нападот и оставил неколку пораки. Тој се фотографирал со маска на која пишувало „бог“ и напишал дека ќе го нападне училиштето и потоа ќе се самоубие.
Меѓу убиените има најмалку осум деца и наставник, изјави извор за руската новинска агенција „Интерфакс“. Според „ТАСС“, 32 лица биле повредени и хоспитализирани. Министерството за внатрешни работи на Татарстан соопшти дека напаѓачите имале експлозивни направи и автоматско оружје.
Порталот „База“ ги објави и првите снимки од училиштето каде се случил нападот.
Лекарите успеале да спасат еден од повредените ученици откако успешно го реанимирале. Заедно со него, најмалку пет други деца се на одделот за интензивна нега.
Властите во Татарстан, руска република чиј главен град е Казањ, објавија дека е засилена безбедноста во другите училишта во градот.