Георгиевски со македонското знаме по големиот успех во Софија

Момчето што за брзо време се втурна во врвот на светското таеквондо, викендов ја израдува целата македонска спортска јавност со влез во финалето на квалификацискиот олимписки турнир, кој се одржа во Софија, за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ). А токму тоа беше и основен услов за да се биде дел од Игрите во Токио, кои треба да се одржат од 23 јули до 8 август годинава

ТАЕКВОНДО

За талентираниот такевондист, член на ТК Бутел од Скопје и македонската репрезентација, Дејан Георгиевски, oлимписки сон стана јаве, и тоа токму на неговиот 22. роденден. Подобар дар и не можеше да добие, покрај вообичаената торта. Момчето што за брзо време се втурна во врвот на светското таеквондо, викендов ја израдува целата македонска спортска јавност со влез во финалето на квалификацискиот турнир, кој се одржа во Софија, за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ). А токму тоа беше и основен услов за да се биде дел од Игрите во Токио, кои треба да се одржат од 23 јули до 8 август годинава, додека некои се пласираа и според освоените бодови на олимписката ранг-листа. По големиот успех во Софија, Георгиевски го рашири македонското знаме на татамот, клекна до него и по краткото молчење ги бакна неговите црвено-жолти зраци. Неговото срце повторно беше исполнето со радост по исцрпувачките борби и изминатиот долг натпреварувачки пат за да се стигне до посакуваното Токио.

Талентираното момче од Скопје, кое наедно е и стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК), не респектира никого во овој спорт, и цврсто беше убедено дека ќе ја завери олимписка норма за Токио. Но неговиот оптимизам не завршува тука. Напротив, оди понатаму, сега очекува медал и од ЛОИ во Токио. И со право, оти за него едноставно не постои борец во овој олимписки спорт кого не може да победи, а тоа го докажа и во претходните години, кога на татамите победуваше европски, светски и олимписки прваци. Последниот пример, сега во Софија, во категоријата над 80 кг, со актуелниот светски првак, Азербејџанецот Радек Исајев (13-6), а во првата борба и Динко Шегедин (17-9) од БиХ, е само уште една потврда за големиот талент кој пламти во него секогаш кога ќе стапне на татамите. Едноставно негова цел е секогаш врвот во таеквондото.
А не беше лесно да се стигне дотука, оти како за секој спортист, така и за Георгиевски, ова беше тежок период, бидејќи најмногу од сѐ му недостигаа борбите. Но неговиот оптимизам не го напушташе и притоа ги користеше сите моменти за да направи добар тренинг и да ја одржи формата, оти речиси како и сите спортови, така и таеквондото беше во мирување поради пандемијата на ковид-19.

Георгиевски со тренерите Борче (лево) и Дарко Костовски

Георгиевски и во вакви услови, сепак, продолжи индивидуално да се подготвува, за да ја одржи формата на што е можно повисоко ниво. Едноставно не се предаваше, ги чекаше датумот и местото каде ќе биде одржан овој квалификациски турнир за пласман на ЛОИ, молчеше, вредно тренираше и го коваше планот за реализација на замислениот сон. Формата, која секогаш му е на завидно ниво, и овој пат не го изневери. Шансата да успее за него беше реална и до самиот крај веруваше дека ќе обезбеди олимписка норма и со тоа ќе ја израдува Македонија со настап на ЛОИ во Токио.
Успехот што го оствари е дотолку поголем ако се знае дека Дејан беше хендикепиран во однос на збирот на освоени бодови, бидејќи во овој циклус на квалификации за ЛОИ (поради тоа што беше јуниор) собираше бодови само две години, додека преостанатите го правеа тоа цел олимписки циклус од четири години. Но и покрај ова, тој успеа да се влезе во олимпискиот крем на овој динамичен спорт. За ЛОИ 2024 во Париз, пак, ќе биде „друга песна“, оти и тој ќе тргне како и сите други натпреварувачи со циклус од четири години.
За големиот успех, секако, многу се заслужни и неговите тренери Борче и Дарко Костовски, кои постојано се грижат да нема никаков застој во неговиот тренажен процес, да остане физички и тактички во елемент, а психички смирен и фокусиран на татамите.
– Успехот што е постигнат на квалификациониот турнир за настап на ЛОИ во Токио секако дека е од историско значење за македонскиот спорт, воопшто. Колку труд е потребно за да се стигне дотаму, најдобар показател се медалите кои Дејан досега ги освои од ЕП, Медитеранските игри, клупското европско првенство, многубројните турнири, како и медалите во европска јуниорска конкуренција. Обезбедувањето норма е само очекуван тек на настаните и секако увертира на тоа што нѐ очекува во Токио годинава. А самиот пласман на ЛОИ, пак, едноставно има само потврдно значење дека таеквондото е сега носечки спорт во Македонија – задоволно вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски.

Другите двајца македонски таеквондисти, за жал, не успеаја да стигнат до портите на Токио. Големата надеж Филип Додевски (до 80 кг) и Анамарија Георгиевска (до 67 кг) беа поразени во 1-то коло на овој турнир. Додевски немаше среќа и по голема борба минимално загуби (9-10) од актуелниот светски првак, Италијанецот Симеоне Алесио, додека Анамарија Георгиевска од Летонката Јолата Тарвида (7-11). Додевски одлично ја водеше борбата, но при резултат 8-8 доби скршеница на дланката и тоа секако беше главна причина за минималниот пораз.
Со овој успех, Георгиевски му се приклучи на натурализираниот македонски борач во слободен стил со дагестанско потекло Могамедгаџи Нуров (до 97 кг), кој е првиот македонски спортист што успеа да обезбеди олимписка норма на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година. Последен кому му успеало тоа беше кајакарот Атанас Николовски на ЛОИ во Пекинг 2008 година. Стрелачката Оливера Наковска-Бикова, пак, засега е единствената Македонка што ја има исполнето нормата за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, година (24 август-5 септември).


Колекционер на медали

Дејан Георгиевски зад себе има богата колекција освоени медали. Тој е носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското Европско првенство во 2017 година со само 18 години, потоа бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018 година, сребро од Медитеранските игри пред две години, а последното сребро го освои на ЕП во Сараево минатата година. Тој е повеќекратен првак на Македонија, а настапува во категоријата над 87 кг.