ФУДБАЛ
Баерн ќе воведе дигитални билети

Германскиот фудбалски гигант Баерн планира да им покаже црвен картон на хартиените влезници во иднина, откако ќе бидат укинати ограничувањата за хигиена, а на навивачите ќе им биде дозволено да присуствуваат на домашните натпревари и да воведе само дигитални билети, кои, пак, ќе ги продава преку интернет, за сезоната 2021/2022.
Поради пандемијата на ковид-19, Баерн, светскиот, европски и германски фудбалски првак, сите домашни натпревари на арената „Алијанц“, од март 2020 година па наваму, ги играше зад затворени врати.
Потпретседателот на Баерн, Јан-Кристијан Дрисен, изјави дека со тоа што повеќе нема да се употребува хартија или пластика за билетите, Баерн ќе елиминира околу 350.000 печатени писма што претходно биле испраќани по пошта.


Приходите во Премиер-лигата помали за 600 милиони фунти

Поради пандемијата на коронавирусот, приходите на клубовите во англиската Премиер-лига минатата сезона се намалиле за околу 600 милиони фунти (700 милиони евра), се наведува во студијата на интернет-порталот „Атлетик“. Лигата беше прекината во март лани откако вирусот се прошири низ целиот свет и продолжи во јуни.
„Атлетик“ ги анализира влијанието на ковид-19 и играњето зад затворени врати, без публика, што предизвика нарушување на финансиите во Премиер-лигата. Во текот на сезоната 2018/2019, клубовите имале вкупен приход од околу 5,1 милијарди фунти (околу 5,9 милијарди евра), а од досега објавените извештаи за сезоната 2019/2020, вкупниот износ е малку над 4,2 милијарди фунти (околу 4,9 милијарди евра). Извештаите треба да ги достават Њукасл и Вотфорд, што бројката ќе ја зголеми на 4,5 милијарди фунти што е, пак, пад од околу 600 милиони фунти.
Како причини за драстичниот пад на приходите се наведуваат две компоненти. Првата е тоа дека клубовите ја продолжија сезоната зад затворени врати што доведе до значителна загуба на приходите на денот на играње на натпреварите. Втората компонента е попустот од 330 милиони фунти за ТВ-компаниите.