За Олимпија Милано ова ќе биде прв пласман на фајналфор-турнир по 29 години, Барселона чекаше седум, додека ЦСКА Москва стигна до својата 17-та завршница во последните 18 сезони

КОШАРКА – ПОЗНАТИ ПОЛУФИНАЛНИТЕ ДВОЈКИ НА ФАЈНАЛФОРОТ ВО ЕВРОЛИГАТА

Барселона против Олимпија Милано, а ЦСКА Москва против Анадолу Ефес се полуфиналните двојки на завршниот фајналфор-турнир, кој ќе се одржи во арената „Ланксес“ во Келн, која, пак, е попозната по тоа што таму од 2010 година се игра и фајналфор-турнирот во ракометната Лига на шампионите, а така ќе биде и годинава. Полуфиналето ќе се игра на 28 мај, а финалето е закажано два дена подоцна. За жал, натпреварите во Келн ќе се играат пред празни трибини, поради глобалната пандемија на коронавирусот.
Ова е епилогот по одигрувањето на трите четвртфинални мајсторки, односно петтите дуели. Така, шпанска Барселона беше поуспешна со 3-2 во победи против руски Зенит, италијанска Олимпија Милано против германски Баерн, а турски Анадолу Ефес против шпански Реал Мадрид. Само ЦСКА Москва беше убедлива против турски Фенербахче и славеше со максимални 3-0 во победи, а последниот натпревар го доби со 85-68.

Сепак, мошне возбудливи беа завршните мајсторки, односно петтите дуели. Олимпија Милано во интересен меч го победи Баерн со 92-89, Анадолу Ефес го стори тоа против Реал Мадрид со 88-83, а Барселона беше убедлива против руски Зенит со 79-53.
За Олимпија Милано ова ќе биде прв пласман на фајналфор-турнир по 29 години, Барселона на пласман меѓу четирите најдобри екипи во Европа чекаше седум години, додека ЦСКА Москва стигна до својот 17-ти фајналфор-настап во последните 18 сезони. Интересно е што ЦСКА Москва и Анадолу Ефес ги вкрстија копјата и пред две години кога се сретнаа во финалето, а во борбата за шампионската титула славеа Русите со 91-83.
Досега европската титула во кошарка ја освоиле 21 клуб (од Италија најмногу, седум), од 12 земји. Најуспешен клуб е Реал Мадрид со 10 титули. Актуелен шампион од 2019 година е ЦСКА Москва, кога ја освои осмата европска титула. Лани поради пандемијата на коронавирусот ова клупско натпреварување беше откажано.