По потпишување на Меморандумот за соработка во март минатата година, ЈП Водовод и канализација – Скопје, како општествено одговорна компанија пристапи кон спроведување на активности и проекти со кои ја поддржа иницијативата на СОС Детско село, „Стани СОС пријател”, донаторски кампањи за индивидуално донаторство и други активности во знак на поддршка и ширење на мисијата на СОС Детско село.
„Промени животи” е новата кампања која ја добива поддршката од ЈП Водовод и канализација – Скопје преку достава на повик за донации заедно со сметките за месец април во печатена и електронска форма.
– Една година од отпочнувањето на соработката со СОС Детско село, навистина сме среќни и горди на досегашните достигнувања. Чест ни е што продолжуваме и понатаму да создаваме успешни приказни со кои се менуваат животи. ЈП Водовод и канализација – Скопје е првото јавно претпријатие кое пристапи кон поддршка на иницијативи од овој тип, но поголемо е задоволството дека не останавме единствени. Ја поздравувам одлуката на ЈКП Дервен – Велес да се приклучи кон поддршка на мисијата на СОС Детско село и ги повикувам сите други општествено одговорни компании и индивидуалци да го следат нашиот пример и да ја дадат својата поддршка за децата и младите без родители и родителска грижа поддржани од СОС Детско село – истакна
Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Јулијана Накова Гапо, Национален директор на СОС Детско село ја искажа својата благодарност за соработката со ЈП Водовод и канализација – Скопје, истакнувајќи ја важноста на работата на СОС Детско село и потребата од поддршка од сите општестевено одговорно индивидулаци и компании. –
Неизмерно сме благодарни на ЈП Водовод и канализација – Скопје што веќе втора година ја препознава важноста на нашата работа и потребата од поддршка за остварување на нашата мисија. Мисија која се одвива во континуитет, која не може да застане, да престане, да се откаже и која е невозможна без нашите пријатели, партнери, соработници и донатори. Им благодарам и на нашите нови пријатели од ЈКП Дервен Велес кои се приклучија кон донаторската кампањата и верувам дека ова е вистински начин сите заедно да ја пренесеме пораката за грижа на заедницата во секој
домен од нашето делување – истакна Гапо.
– Без размислување се приклучивме кон оваа благородна мисија. Ни претставува чест и ние да бидеме дел од оваа хуманитарна донаторска кампања каде заедно со нашите корисници ќе помогнеме на децата и младите без родители и родителска грижа поддржани од СОС Детско село – посочи Тони Јовиќ, директор на ЈКП Дервен
– Велес.
ЈП Водовод и канализација – Скопје продолжува со спроведување на активности за поддршка на мисијата на СОС Детско село во насока на поттикнување на индивидуалната филантропија и индивидуалното посветено донаторство.