Не мислев дека еден ден ќе бидам еден од најдобрите играчи во светот. Одлично е чувството да се биде пример за многумина, но јас сум свесна дека тоа е голема одговорност за мене. Уживам во ситуации кога можам да им го пренесам моето знаење на помладите играчи и многу е добро да ја видам радоста на нивните лица кога ќе го прифатат мојот совет и ќе постигнат успех. Забележав дека многу играчи ме сметаат за пример, а кога ќе слушнам дека помладите играчи навистина ја сакаат мојата игра и се огледуваат на мене, чувството е прекрасно, особено затоа што знам дека направив нешто за модерниот ракомет, вели Гербиц
РАКОМЕТ – ИХФ
Светската ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница ја одбележи тридецениската кариера на унгарската ракометна икона од Ѓер, Анита Гербиц (37), која, благодарение на своите ракометни вештини, уште од своја 10-годишна возраст ги плени љубителите на ракометот. Сестраните ракометни таленти се убави за гледање и инспиративни за другите играчи. Кога кај некој играч има нешто посебно, гледачите се собираат да ја гледаат неговата игра, која ракометот го прави да изгледа полесно, почисто, пишува во написот на ИХФ посветен на една од најдобрите ракометарки во последниве две децении.
Унгарските и меѓународните спортски медиуми Гербиц ја нарекоа кралица на ракометот, која целата своја блескава кариера ја помина во еден клуб. Благодарение на огромната ракометна интелигенција, дополнета со извонредни додавања, голови и лидерски вештини на теренот и надвор од него, Гербиц во изминатите години го трансформира женскиот ракомет. Беше лидер и творец на петте европски титули на Ѓер во Лигата на шампионите и осумте шампионски и куп-трофеи на Унгарија.
Гербиц е најдобриот стрелец на сите времиња на женската репрезентација на Унгарија, со 1.111 погодок на 233 меча, а по нејзиното репрезентативно пензионирање во 2018 година, нејзиниот број 13 е повлечен од употреба.
– Кога имав само 10 години и првпат се појавив на тренинзи во Ѓер, не мислев дека еден ден ќе бидам еден од најдобрите играчи во светот. За среќа, изградив кариера што ќе биде запаметена за многумина и навистина успешна за мене – изјави Гербиц за ИХФ.
Унгарката на терен максимално ги користеше својата ракометна интелигенција, техника и тактика на начин што ја правеше незапирлива на теренот (повеќе од 4.000 гола во дресот на Ѓер, од кои 1.036 во ЛШ).
– Одлично е чувството да се биде пример за многумина, но јас сум свесна дека тоа е голема одговорност за мене. Уживам во ситуации кога можам да им го пренесам моето знаење на помладите играчи и многу е добро да ја видам радоста на нивните лица кога ќе го прифатат мојот совет и ќе постигнат успех. Забележав дека многу играчи ме сметаат за пример, а кога ќе слушнам дека помладите играчи навистина ја сакаат мојата игра и се огледуваат на мене, чувството е прекрасно, особено затоа што знам дека направив нешто за модерниот ракомет – вели Гербиц.
„Најголем предизвик во мојата кариера беше да ги надминам поразите“
Најголем предизвик во мојата кариера беше да ги надминам поразите, бидејќи изгубивме многу финалиња и добивме многу сребрени медали. Јас од сите научив по нешто и верувам дека станував посилна по секој пораз. Надминувањето на повредите, исто така, беше тежок предизвик за мене, бидејќи сѐ е до „главата“, за да може успешно да се надмине тој предизвик – рече 37-годишната унгарска ракометна ѕвезда Анита Гербиц, која го трансформира ракометот каков што го знаеме, наоѓајќи решенија во последни секунди од мечевите за да ја пробие противничката одбрана, со нејзиниот менталитет и ставот „никогаш не откажувај се“.