Со една ваква идеја би направиле еден голем потег во развојот и во популаризацијата на шахот, но и вовед во ставањето на шахот како посебен предмет во образовниот систем од најмала возраст, бидејќи и животот е како шаховска партија, вели генералниот секретар на ШФМ, Тони Кироски, а потпретседателот на ШФМ, Агим Шемшиу, најави дека ќе поведе „иницијатива ШФМ да има средба со секој градоначалник на македонските градови и притоа да се потпише некаков вид меморандум за заедничка соработка“
Со најновата иницијатива од Холандија, каде што неодамна беа поставени маси во Хаг, Дордрехт и во Гронинген, а победникот на турнирот во Вајк ан Зе во 2021 година, велемајсторот Жорден ван Форест, ги посети новоотворените маси вод ведро небо, иницијативата за урбан шах продолжува да се шири во светот. Ваквата иницијатива е одобрена дури во 21 холандски град, со првите три јавни маси инаугурирани во паркот „Максима“ во Утрехт, уште во 2018 година. Нови шаховски маси, нови можности, нови спортски ривали.
Со поставувањето вакви статични шаховски маси, шахот во парковите, плоштадите, училишните дворови може да стане уште подостапен за децата, обичните граѓани, за сите љубители на шахот, а и за оние што немаат можност да играат дома, а сакаат да ја запознаат оваа магична игра. Дали ова што се случува во Холандија, но и во други познати шаховски центри во светот, може да се преслика и во Македонија, уште повеќе ако се знае дека Скопје беше олимписки град, каде што во 1972 година се одигра 20. Шаховска олимпијада, иако и досега во неколку града веќе имаше поставено вакви шаховски статични маси или една голема со огромни фигури.
– За почит е иницијативата за омасовување на шахот во Македонија. За волја на вистината, јас и ШК Прилеп бевме први во Македонија што ја поведоа оваа идеја и во центарот на Прилеп, по урнек на европските метрополи, се изгради голема шаховска гранитна табла, со фигури од посебен вид пластика, и четири мали мермерни шаховски табли, но, за жал, фигурите од негрижа со текот на времето се искршија, па сега правиме напори да набавиме нови од Струга. Идејата беше покрај урбаното уредување на градо, да се поттикне и шахот кај најмладата популација, со запознавање и играње на децата со големи фигури. ШК Прилеп на малите табли одигра во неколку наврати и мечеви со забрзано и брзо темпо на размислување со повеќе македонски клубови, како и неколку симултанки. Но за да биде мисијата исполнета во целост, моја идеја е да поставиме и шаховски гарнитури на секоја маса за да може во секој момент и случајните минувачи и сите љубители на шаховската игра на отворено и на други места да одиграат понекоја партија шах, оти оваа игра е за сите од 7 до 77 години. Оваа идеја планирам да ја споделам и во ШФМ, а потоа и да ја презентирам во Агенцијата за млади и спорт (АМС), со чија помош би ја реализирал и во другите наши градови. Со тоа би направиле еден голем потег во развојот и популаризацијата на шахот, но и во развојот на здрави млади генерации. Тоа би било вовед и во ставањето на шахот како посебен предмет во образовниот систем од најмала возраст, бидејќи и животот е како шаховска партија. Убеден сум дека ќе успееме да го подигнеме шахот некое скалило повисоко – вели генералниот секретар на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Тони Кироски.
Шаховски табли на отворено има во сите поголеми градови во Европа и во светот. Така, на пример, градот Елиста во Русија е познат како шаховски град, оти шаховски табли на отворено има на секој чекор, слично е и во поголемите градови во САД, каде што обично по парковите има десетици маси каде што може да се игра на отворено. Во Македонија, покрај Прилеп, голема шаховска табла со фигури е направена и во Велес во 2014 година, во Гостивар, во Скопје на покривот на ГТЦ во 2019 година, неколку поединечни маси има во Скопје и на други места, но тоа ни оддалеку не го задоволува интересот на македонските љубителите на шахот.
– Во 2019 година најдовме заеднички јазик по ова прашање со градоначалникот на Куманово, само требаше да се направи проект во 2020 година, и тоа еден во центарот на градот и еден кај спортската сала, но поради пандемијата на ковид-19, тоа засега е во мирување. Лично ќе поведам иницијатива ШФМ да има средба со секој градоначалник на македонските градови и притоа да се потпише некаков вид меморандум за заедничка соработка.
Идејата е прво во оние градови каде што нема шаховски клубови, градоначалниците да помогнат тие да се формираат, а потоа во секој град да се постави голема шаховска табла со фигури, а странично и мали статични маси со фигури, што мислам дека е одлична идеја за уште поголем развој на шахот кај нас. Ќе се залагаме и шаховските клубови да добиваат од своите општини одредена сума годишно, со што би можеле и да функционираат. Се надевам дека една ваква иницијатива на ШФМ, а во соработка со АМС, ќе наиде на разбирање кај сите заинтересирани страни. Впрочем, ние како Федерација и треба да се бориме за формирање и за развој на шаховските клубови – вели потпретседателот на ШФМ, Агим Шемшиу.