Во музејот на уметност „Тејт“ во Ливерпул отворена е изложбата „Живот во движење: Егон Шиле/Франческа Вудман“, која ќе трае до 23 септември.
Оваа поставка се реализира по повод стогодишнината од смртта на австрискиот сликар Егон Шиле, а на неа неговото творештво е поврзано со она на американската фотографка Франческа Вудман. Изложбата го истражува движењето во славните актови и автопортрети на овие двајца уметници, и двајцата трагично починати, Шиле на возраст од 28, а Вудман на само 22 години.
Франческа Вудман (1958-1981) била американска фотографка, најдобро позната по нејзините црни и бели фотографии, со претстава на себеси и на женски модели. Многу од нејзините фотографии покажуваат актови на млади жени, кои се матни (поради движењето и долгата експозиција) и кои се спојуваат со опкружувањето или, пак, на кои лицата им се нејасни. Нејзината работа станува предмет на внимание дури години подоцна, откако извршила самоубиство на 22 години.