Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако граѓаните увидоа дека посетувањето на угостителските објекти не им е баш најпаметна опција за „собиранки“, бидејќи ќе бидат фатени и санкционирани од полицијата, тие почнаа со организирање разни прослави зад затворени врати во своите домови. Па, така, сега се организираат родендени на деца, имендени и разни прослави во домовите на граѓаните, со надеж дека ќе поминат неказнето, доколку прославите ги прават во своите домови

И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА ЗА СОБИРАЊА, ГРАЃАНИТЕ ГИ ПРЕФРЛИЈА ЗАБАВИТЕ ОД КАФЕАНИ ВО СВОИТЕ ДОМОВИ

И покрај тоа што во земјава третиот бран од коронавирусот немилосрдно коси животи со несмален интензитет, се чини дека на граѓаните воопшто не им е грижа за последиците за себе и лицата во околината, особено на оние со хронични заболувања и на постарите лица. Фактот што во еден ден се случува да починат дури 40 лица не е доволна причина за граѓаните да бидат свесни за длабокиот предизвик со кој се соочуваме и да ги одложат своите домашни веселби.
Дополнително изненадува крајната граѓанска несовесност, па и нечовечност, со самото тоа што се игнорира фактот дека здравствените работници буквално „изгинаа“ во здравствените домови и болниците. Тие секојдневно, заради сите нас, се борат да ги спасат човечките животи како последица на посериозни компликации од ковид-19. А да не ги заборавиме и полициските службеници, кои деноноќно патролираат за да се спроведуваат коректно сите здравствено-безбедносни мерки.

УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ПОД НАДЗОР, ПРОСЛАВИТЕ ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ

„Нова Македонија“ неодамна пишуваше за сличен проблем, за угостителски објекти што работеа над дозволеното работно време во услови на пандемија, но и со непочитување на препораките, па, така, нелегално, зад затворени врати организираа разни прослави со повеќе од десетина лица.
Сега, откако граѓаните увидоа дека посетувањето на угостителските објекти и не им е баш најпаметната опција што може да ја направат, бидејќи ќе бидат фатени и санкционирани од полицијата, тие почнаа со организирање разни прослави, меѓутоа зад затворени врати, во своите домови. Па, така, сега се организираат родендени на деца, имендени, разни прослави во домовите на граѓаните, со надеж дека никој нема да ги фати доколку прославите ги прават во своите домови.
На Балканот, но и пошироко, веќе некое време се познати корона-забавите што се организираа како пркос на пандемијата. За тоа најдобар пример е соседна Србија, каде што голем број вакви забави беа прекинати, а ништо подобри не сме ниту ние, бидејќи на почетокот на годинава полицијата приведе 13 лица од две домашни забави во Скопје, поради непочитување на мерките за заштита од ковид-19.

– Рано изутрината, во 2.45 часот, по претходно добиени сознанија дека во стан на улицата Рајко Жинзифов во Скопје има гласна музика и не се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, полициски службеници од СВР-Скопје, врз основа на судска наредба, извршиле контрола во станот, сопственост на С.Г. (34) од Скопје. Во станот биле затекнати сопственикот и К.Д. (33), Ф.Т. (25), С.С. (27), Е.Ј.(26), Е.Р. (35), Р.М. (29), Т.Т. (26) – соопштија тогаш од Министерството за внатрешни работи.
Во истиот период, во координација со јавен обвинител, од страна на Единицата за внатрешни работи Центар и интервентната полиција, во стан на улицата Елисие Поповски Марко биле затекнати пет лица што правеле забава, и тоа К.З. (20), Б.Л. (20), Р.А. (20), С.К. (21), сите од Скопје, и В.П. (20) од Битола.
Сите 13 лица биле лишени од слобода и приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена пријава по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

ДОМАШНИТЕ ПРОСЛАВИ СЀ ПОЧЕСТИ И ПОМАСОВНИ

Изминатиот период во билтените што секојдневно ги објавува Министерството за внатрешни работи како да изостанаа многубројните случаи на затворени угостителски објекти во кои или се организирале прослави или, пак, имало повеќе лица од дозволеното што дополнително не ги почитувале здравствените препораки во услови на пандемија.
Изминатиот период во билтените сѐ почесто може да се забележат известувања за упади на МВР во приватни домови каде што биле организирани разни домашни прослави.
Дека тоа е така доволен доказ се и социјалните мрежи каде што може да се видат прашања во групите, за роденденски торти за деца, декорации и слично. Од многубројните коментари може да се заклучи дека има совесни граѓани, кои апелираат дека сега не е време на прослави, но има и такви што велат дека воопшто не им е грижа и оти прославата секако ќе ја организираат.
– На 27.3.2021, во 22 часот, по претходна пријава, полициски службеници од СВР-Скопје извршиле контрола во семејна куќа на улицата Мајски манифест во Скопје, сопственост на И.Ѓ. (25) и М.Ѓ. (20), при што било констатирано дека не се почитуваат мерките за спречување на ширењето на ковид-19, односно била организирана забава, а покрај нивната сестра С.Ѓ. (19), биле затекнати уште шест полнолетни и три малолетни лица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена пријава по членот 206 од Кривичниот законик – наведено е во еден од билтените на МВР.
Во друг случај, пак, повторно на истиот ден, по претходно добиена пријава, полициски службеници од СВР-Куманово извршиле контрола во семејна куќа на улицата Народна револуција во Куманово, сопственост на Е.Т. (37), при што било констатирано дека не се почитуваат мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Во куќата била организирана забава и, покрај нејзините три ќерки, биле затекнати уште десет полнолетни и 11 малолетни лица. По целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена пријава по членот 206 од Кривичниот законик.

ШТО ЗНАЧИ ОРГАНИЗИРАЊЕ ПРОСЛАВА ВО ОВИЕ УСЛОВИ

Откако започна целокупната состојба со пандемијата предизвикана од коронавирусот, Владата и здравствените власти донесоа голем број уредби, апели и законски измени да се ограничи самоволието на граѓаните за да се спречи дополнително ширење на вирусот.
Сепак, некои граѓани, и покрај препораките да не се организираат забави, продолжуваат да прават домашни прослави.
Дилемата кај граѓаните е колку гости смеат да повикаат во својот дом, а со тоа да не го прекршат законот и да не добијат казна за непочитување на мерките за спречување на ширењето на ковид-19.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека под организирање домашна прослава се подразбира секоја прослава што освен домашните, го надминува бројот на четири лица што не живеат на таа адреса. Тоа значи дека во домот за прослава, граѓаните смеат да повикаат четири лица, во спротивно, доколку полицијата влезе во домот, ќе ги санкционира организаторите на прославата по членот 206 од Кривичниот законик, кој гласи: „(1) Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.“

[email protected]