Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кој било противник да го добиеме, верувам дека ќе одиграме максимално и ќе дадеме сѐ од себе да обезбедиме пласман на СП во Шпанија, изјави селекторот Симе Симовски

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2021 ЗА ЖЕНИ

Во пресрет на последниот квалификациски меч со селекцијата на Грција, македонската женска ракометна репрезентација обезбеди место во баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија, забележувајќи две убедливи победи над репрезентациите на Исланд (24-17) и над Литванија (31-21), на турнирот во Скопје. Македонските репрезентативки, предводени од десното крило Сара Ристовска (19 гола на два меча), одлично ги одиграа првите два меча во квалификациите за СП и во пресрет на синоќешниот дуел со Грција ја имаа заверено првата позиција на табелата. За овој квалификациски турнир селекторот Симе Симовски повика неколку нови имиња, кои максимално ефектно ја искористија дадената шанса во игра, наметнувајќи се како сериозни засилувања и освежувања во македонските репрезентативните редови.

– Задоволен сум од прикажаната игра во дуелите со Исланд и со Литванија иако има уште многу да се работи и надградува нашата игра и во делот на одбраната и во нападот. Особено сум среќен што и младите ракометарки што добија шанса за игра, максимално одговорно ги искористија минутите на терен. Верувам дека до бараж-дуелите ќе ги поправиме сите мали недостатоци во играта и дека максимално подготвени и мотивирани ќе влеземе во тие средби за пласман на СП – изјави Симовски.
Пласман во баражот заверија и Австрија, Белорусија, Италија, Португалија, Словачка, Швајцарија и Турција, а листата ќе се комплетира со победниците од синоќешните дуели Израел – Украина во групата 1 и Исланд – Литванија во групата 2. Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија и Шведска се можните ривали на Македонија во бараж-двомечот за пласман на СП во Шпанија.
– Неблагодарно е пред ждрепка да се делат селекциите на послаби и посилни, посакувани и непосакувани. Самото тоа што се во првиот барабан, доволно зборува за нивниот квалитет. Кој било противник да го добиеме, верувам дека ќе одиграме максимално и ќе дадеме сѐ од себе за да обезбедиме пласман на СП во Шпанија – изјави Симовски.

Меѓу можните противници на Македонија само селекциите на Чешка и на Полска не беа дел од претходниот Мундијал што се играше во Јапонија во 2019 година. Од последниот настап на СП 2007 во Франција, кога Македонија заврши на 12-то место, македонските репрезентативки досега четири пати играа во баражите за пласман на СП, а двапати не се изборија за бараж (за СП 2015 и за СП 2013). Досега пласман на СП 2021 обезбедија домаќинот Шпанија, актуелниот светски првак Холандија и четирите најдобропласирани селекции од ЕП 2020, Норвешка, Франција, Хрватска и Данска.
Бараж-дуелите за пласман на СП закажани се за од 16 до 21 април.