Занимливости
„Атинската школа“ е фреска што ги украсува т.н. Рафаелови простории во Апостолската палата во Ватикан, Рим. Фреската е широка 7,70 метри и е создадена со употреба на централна перспектива во монументален затворен простор, која Рафаел ја научил од Леонардо да Винчи. Во 1695 година, италијанскиот историчар Пјетро Белори првпат ја именува како „Атинска школа“, според филозофската школа во Стара Атина, Хелада.
На фреската се прикажани познатите научници и филозофи од антиката до ренесансата. На левата страна се претставниците на идеализмот – филозофијата на Платон, а на десната страна се материјалистите – филозофијата на Аристотел. Филозофите се во задниот дел, а во предниот се прикажани математичарите, научниците и уметниците.
На неа може да се видат Зенон, основач на Стоичката школа, Епикур, основач на Епикурејската школа, Авероес, арапски филозоф, Питагора, математичар, Сократ, Хераклит, Платон, Аристотел, Диоген, Заратруста (Зороастер), персиски пророк, Птоломеј, астроном и др. Аристотел и Платон се наоѓаат во централниот дел. Аристотел во рака ја држи својата „Етика“ – симболика дека светот почива на материјалната реалност. До него е Платон, кој го држи своето дело „Тимеј“ и со десната рака посочува нагоре – алегорија на духовниот свет и принципот на идеите.
„Атинската школа“ (како симбол на филозофијата) е дел од циклус што ги содржи фреските „Парнас“ – симбол на поезијата, „Дебата“ – симбол на теологијата и „Мудрост, умереност и моќ“ – симбол на правото. Тие се одраз на разбирањата на Рафаел дека постојат четири принципи врз кои лежи човековото општество: разум, добрина, убавина и правда. Фреската идеолошки е во согласност со ренесансното разбирање на антиката како извор на европската култура, филозофија и наука.
Рафаел Санти – творецот на „Атинската школа“
Рафаел е еден од најголемите претставници на ренесансата, која ги опфаќа 15 и 16 век. Тој се истакнува како уметник и архитект од т.н. Фиренска школа. Зад себе оставил огромно културно наследство, а токму фреските во Ватикан му носат светска слава. Рафаел ја создава „Атинската школа“ во периодот помеѓу 1510 и 1511 година.
Рафаел бил под влијание на преродбата на античката филозофија, особено од индивидуалните активности на Леонардо да Винчи во уметноста и архитектурата. Значењето на Леонардо е видливо и во самата фреска, истражувачите веруваат дека Платон, една од централните личности, е всушност ликот на самиот Леонардо да Винчи. Рафаел исто така изработил и свој автопортрет на оваа фреска.
„Атинската школа“ се смета за ремек-дело на Рафаел и олицетворение на класичниот дух на ренесансата.