Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 15 до 21 февруари 2021, тестирани се вкупно 15.849 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-ЦоВ-2, со намалување од 2,8% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.320 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 3,9 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (н=1.007; 43,4%), со неделна инциденца – 163,0/100.000. Највисока неделна инциденца од 412,8/100.000 е регистрирана во Неготино и Кавадарци (409,0/100.000).
Процентот на позитивност се движи од 11,8 до 16,3%, просечно 14,7%, на исто ниво како минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (н=575, 24,8%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (н=445; 19,2%), 40-49 (н=442; 19,1%), 50-59 (н=413; 17,8%) и 20-29 (н=300; 12,9%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (н=38; 1,6%) и 10-19 години (н=107; 4,6%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на САРС-ЦоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 1.760 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 30,1% помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 70 смртни случаи од 13 градови, со зголемување од 62,8% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 65 лица биле над 60 години, и 5 лица на возраст од 50-59 години.