На денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет претседателката Магдалена Филиповска-Грашкоска потенцираше за интензивирање на активностите пред новогодишните празници и продолжување на активната соработката со МВР и во следниот период за да се загарантира одговорно прославување на претстојните празници.
Во периодот на минатата недела, од 14 до 20 декември, седумте инспекциски служби, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спровеле вкупно 5.858 надзори и контроли.
Поединечно, Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршил 98 надзори и издал 10 решенија. Во истиот период издадени се и 9.065 решенија за изолација за лица заболени од коронавирус и лица кои биле во контакт со лица заболени од вирусот.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат извршиле 4.338 контроли и 546 надзори. При истите, изречени биле 39 прекршочни пријави, 58 решенија за констатирани неправилности и 49 прекршочни платни налози. За осум угостителски објекти во Скопје, Гостивар и Куманово изречена била мерка забрана за вршење дејност, односно биле затворени за работа на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози.
Инспекторатот за транспорт спровел 53 надзори и издал 11 прекршочни пријави и 8 решенија. Поради непочитување на Протоколот за превоз на патници издадени биле 3 решенија, од кои една прекршочна пријава за превоз на патници во Ресен и 2 прекршочни пријави за превоз на патници на граничен премин Деве Баир.
Од страна на Државниот инспекторат за труд извршени биле 450 надзори во правни субјекти на целата територија на државата и инспекторатот изрекол 12 решенија и 5 прекршочни пријави за непочитување на здравствен протокол и превентивни мерки на работни места.
МАЛМЕД, Агенцијата за лекови и медицински помагала, спровела 28 надзори во аптеки и издала 2 решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала.
Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство извршиле 303 надзори, издале 9 решенија, 14 едукации и 6 ППН по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање и означување производи.
Во текот на изминатата недела Државниот инспекторат за животна средина реализирал вкупно 42 надзори и издал 3 решенија за констатирани неправилности, 2 платни налози и 1 прекршочна пријава. Дополнително е поднесен предлог за одземање Б интегрирана дозвола при утврдени неправилности кои се однесуваат на неплатени надоместоци за водно право, горење отпадно масло и непочитување на условите од издадената дозвола.