Главниот кризен штаб постојано заседава и е подготвен да реагира во секој момент, доколку има потреба. Припадниците на безбедносните сили може да се соберат за половина до максимум еден час, кажа в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во разговор за телевизија 24.
Тој додаде дека има побарувачка од директорите на болниците за зголемување на бројот на припадници на Армијата, зашто луѓето се чувствуваат пообезбедно кога има војска, посочувајќи дека Македонија моментно се соочува не само со корона-кризата, туку и со мигрантска криза.
Според Ангелов, има информации дека ковид-19 е многу раширен во одредени кампови, па секој влез, движење и трансфер низ земјава на таквите лица претставува дополнителен здравствен ризик.
– Во овој момент во земјава имаме две кризни состојби. Едната е со ковид-19, а втората не е на целата територија, туку само на јужната и северната граница, и е поврзана со мигрантите, односно со нивниот влез и транспорт низ Северна Македонија. Мигрантите, покрај безбедносниот ризик, внесуваат и зараза. Имаме информации дека во одредени кампови е силно раширен ковид-19, зашто тие таму немаат никакви услови. Натрупани се, особено во некои кампови во Грција. Нивниот трансфер, влез и движење низ земјава може негативно да се одрази, освен безбедносно, и во однос на ширењето на ковид-19 – рече Ангелов.
Тој додаде дека засега не се размислува за нови болнички кревети во спортските сали како „Борис Трајковски“ и онаа во Аеродором.