КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Само Меџик Џонсон сега е подобар асистент од Леброн Џејмс
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, влезе во историјата на НБА-лигата со тоа што стана втор најдобар асистент на сите времиња во плејоф-мечевите, но и втор во финалните дуели. Иако во третиот финален меч неговиот клуб загуби од Мајами со 104-115 (сега резултатот е 2-1 во победи за ЛА лејкерс, во серијата што се игра до четири победи), тој го надмина славниот плејмејкер Џон Стоктон на вечната листа на најдобрите асистенти (1.839 додавања) во плејофот и сега има вкупно 1.846.
И според бројот на асистенции само во финалните дуели тој е втор (401), надминувајќи го Боб Кузи (400), а прв е Меџик Џонсон (584). Ако Џејмс го задржи ова ниво на асистенции во доигрувањето (7,2 просечно по меч), тогаш би му требале уште 70 натпревари за да ја дополни негативата од 506 асистенции зад водечкиот Џонсон. Г.И.
НАЈМНОГУ АСИСТЕНЦИИ ПЛЕЈОФ
Меџик Џонсон 2.346
Леброн Џејмс 1.846
Џон Стоктон 1.839
ФИНАЛЕ
Меџик Џонсон 584
Леброн Џејмс 401
Боб Кузи 400
ФУДБАЛ
Победникот на лигата Д на ЕП ќе игра во групата Ц или Ф
Репрезентациите што играат во плејофот од лигите Б и Ц знаат во која група ќе настапат ако се пласираат на фудбалското Европско првенство. Така, победникот на лигата Б ќе игра во групата Е заедно со Шпанија, Шведска и со Полска, а селекцијата што ќе триумфира во лигата Ц ќе настапи во групата Д заедно со Англија, Хрватска и со Чешка.
Селекцијата што ќе победи во лигата Д зависи од успехот на селекциите од лигата А. Така, ако Романија се квалификува на ЕП од лигата А, тогаш таа репрезентација ќе игра во групата Ц заедно со Холандија, Украина и со Австрија, а победникот на лигата Д ќе настапи во групата Ф во која се Португалија, Франција и Германија.
Ако, пак, Бугарија, Унгарија или Исланд се пласира на ЕП како победник на лига А, тогаш таа селекција ќе оди во групата Ф заедно со Португалија, Франција и со Германија, а победникот на лигата Д ќе игра во групата Ц, во која се Холандија, Украина и Австрија.
Средбите во групата Ц ќе се играат во Букурешт и во Амстердам, а тие од групата Ф во Будимпешта и во Минхен.
Врвни шахисти се враќаат на турнирите на табла
По серијата интернет-турнири светските шахисти број еден и два, Магнус Карлсен и Фабијано Каруана, учествуваат на турнирот на табли „Алтибокс Норвешка“ во градот Ставангер, заедно со Левон Аронијан, Јан-Кшиштоф Дуда, Алиреза Фирузја и Аријан Тари. На овој турнир со нов систем на бодување нема да има реми. За победа ќе се добиваат три поени, победа во т.н. армагедон (мечеви со забрзано темпо на игра) откако дуелот во класичен шах завршил со реми носи 1,5 поен, а реми па пораз во армагедон еден поен. Турнирот, на кој лани победи Карлсен, првично беше планиран да се одржи во јуни, но беше одложен поради пандемијата на коронавирусот. Годинашното издание е деветто по ред и се одржува со специјални протоколи поради пандемијата. Г.И.