Во пресрет на 45. Галичка свадба која ќе се одржи викендов, на платото пред чешмата Упија во Галичник вечер од 22 часот ќе се одржи концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што ќе почне и Галичкото културно лето.
Во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина, утре со поставување на свадбарското знаме ќе почне 45. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.
Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа и Златко Димовски, кои се избрани во конкуренција од четири пара. Дваесет и девет годишната Лепческа изјави дека е особено среќна што е избрана за невеста, затоа што и самата учествувала во оваа манифестација од својата петта година и ја смета за најавтентична и најтрадиционална свадба на сите простори. Димовски, пак, вели добро се подготвил и ги научил свадбарските обичаи кои се карактеристични за галичката свадба. Двајцата работат во приватни компании и живеат во Скопје.
Александар Костиќ претседател на Месната заедница „Галичник“, која е организатор на манифестацијата на прес-конференцијата изјави дека се горди што Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.
– Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет, рече Костиќ, кој годинава најави збогатени содржини за посетителите на манифестацијата со учество на голем број познати уметници.
Покровител на манифестацијата годинава е премиерот Зоран Заев. Во негово име на младоженците среќа, бериќет и незаборавни свадбарски денови им посака министерот без ресор Роберт Поповски.
– Владата во континуитет ја поддржува Галичката свадба и верувам и очекувам дека таа поддршка ќе продолжи да се зголемува затоа што манифестацијата од година во година добива во квалитет, а тоа го потвдуваат и заинтересираноста на светски тв куќи. Галичник е епицентарот на македонската култура, традиција, обичаи, култура, уметност низ вековите, рече Поповски.
Свадбарските обичаи ќе започнат утре наутро со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.
Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.
На манифестцијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.