Инспирирани од трилогијата „Војна на ѕвездите“, научниците од Сингапур развија „електронска кожа“, способна да чувствува допир. Тие се надеваат дека оваа иновација ќе им помогне на луѓето со вештачки протези да ги препознаат предметите и да ја чувствуваат нивната текстура, па дури и температурата и болката. Таквата „кожа“, со големина на квадратен сантиметар, се состои од стотици мали сензори.
Научниците од Националниот универзитет во Сингапур тврдат дека може да ги обработува информациите побрзо од човечкиот нервен систем, а исто така е способна да препознае 20 до 30 различни текстури, пренесе „Ројтерс“.
Со неа, исто така, може да се прочита Брајовото писмо со повеќе од 90 проценти точност.
– Луѓето треба да го лизгаат прстот на предметот за да ја почувствуваат текстурата, а во овој случај, кожата може да открие различна текстура само со еден допир – вели водачот на тимот Бенџамин Те.
Тој напоменува дека алгоритмите на вештачката интелигенција се одговорни за фактот дека нивниот изум е во состојба „брзо да учи“ и додава дека сè уште е во експериментална фаза, но дека постои голем интерес за нивниот изум, особено во медицинските кругови.
Концептот на пронајдокот бил инспириран од сцена од филмската трилогија „Војна на ѕвездите“ во која Лук Скајвокер останува без десната рака, која потоа ја заменува со роботска, со која се чини дека успева да го врати чувството за допир.