Најголем пад на реалната потрошувачка во ЕУ и во еврозоната
Во Европската Унија и во еврозоната во првото тримесечје реалната потрошувачка по жител на квартално ниво паднала најмногу од почетокот на временските серии, односно од 1999 година, покажува извештајот на Евростат, кој опфаќа податоци од 14 земји.
Во првото тромесечје, кога земјите-членки почнаа да воведуваат мерки за спречување на ширењето на ковид-19, реалната потрошувачка на домаќинствата по жител во ЕУ паднала за 2,9 отсто, по падот од 0,2 отсто во претходното тримесечје, покажуваат податоците од извештајот.
Реалниот доход на домаќинствата по жител во ЕУ е зголемен за 1,2 отсто, по падот за еден отсто во четвртиот квартал на 2019 година.
Во еврозоната реалната потрошувачка на домаќинствата по жител паднала за три отсто, по падот за 0,4 отсто во претходното тримесечје. Тоа, исто така, е најголем пад од почетокот на собирањето податоци во 1999 година.
Реалниот доход на домаќинствата во еврозоната по жител пораснал за 1,1 отсто, откако за ист процент е намален во четвртото тромесечје на 2019 година.
„Нисан“ очекува годишна загуба од 6,35 милијарди долари
„Нисан“ проценува дека годишната нето-загуба ќе му изнесува 6,35 милијарди долари поради падот на продажбата за време на пандемијата на коронавирусот, објави компанијата.
– За да се ограничи ширењето на заразата, компанијата го запре производството во погоните низ светот – се вели во соопштението од компанијата.
Понатаму се додава дека по тој период фабриките на „Нисан“ продолжиле со производство, но се соочуваат со намалена искористеност на капацитетите поради намалената продажба.
Покрај кризата со коронавирусот, „Нисан“ е погоден и од сериозни финансиски проблеми по апсењето на поранешниот претседател Карлос Госн во ноември 2018 година, обвинет за злоупотреба на довербата и фалсификување финансиски документи при пријавата на сопствените приходи. Тој во повеќе наврати ги негираше обвиненијата.
Американците возат сè постари автомобили
Американците сè подолго ги возат своите автомобили и камионети, што резултира со просечна старост на возилата на американските патишта од речиси 12 години, најголема во последните 20 години, дури и пред пандемијата да ја погоди економијата, покажуваат најновите податоци на истражувачката компанија „ИХС маркит“ со седиште во Лондон.
Тоа не е добра вест за емисиите на штетни гасови, ниту, пак, за безбедноста на возилата, но би можела да ги поткрепи компаниите што произведуваат и продаваат автоделови, се наведува во извештајот.
„ИХС маркит“, кој собира и анализира податоци од редица индустрии, објави дека просечната старост на автомобилите, СУВ-возилата и камионетите на американските патишта оваа година достигнала 11,9 години, наспроти 11,8 години минатата година.