Египет не исклучува употреба на воена сила за да се спречи намерата на Етиопија да ја наполни акумулацијата на новоизградената брана на Синиот Нил

Почетокот на дождлива сезона во Африка, на почетокот на јули, ќе биде и знак за ново заострување на односите меѓу Етиопија и Египет, што ќе предизвика продлабочување на политичката криза, со ризик да прерасне и во воен судир. Етиопската влада, повикувајќи се на заедничка изјава од 29 февруари 2020 година и нејзиното право на праведно користење на изворот на Нил, објави дека ќе почне со полнење на акумулационото езеро, паралелно со завршувањето на градежните работи на најголемата брана на Синиот Нил со назив Голема етиопска брана, скратено ГЕРД.
По девет години интензивни преговори за големата брана меѓу Каиро и Адис Абеба, Етиопија се повлекува од договорот постигнат во тристраните преговори меѓу Египет, Судан и Етиопија, што се случи под американско покровителство, се наведува во анализата на ИФИМЕС, Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана. Америка верува(ше) дека спогодбата од февруари ги опфаќа сите прашања со почитување на интересите на трите држави.

Преговорите за полнење на браната влегоа во ќор-сокак. Етиопија одбива да го потпише договорот и ги одбива натамошните разговори, тврдејќи дека му дале неточни и непримерни информации за браната на американскиот претседател Доналд Трамп. Египетскиот одговор беше: „Ако водата значи струја за Етиопија, таа за Египет е прашање на живот или на смрт“.
Реката Нил со години е стратегиско важно прашање за Египет. Земјоделскиот сектор учествува со 14,7 отсто во бруто-домашниот производ и вработува 8,5 милиони луѓе или третина од домашниот пазар на трудот. Во деведесеттите години имаше голема напнатост во односите на Египет со земјите од сливот на реката Нил. Тоа е резултат на лошото египетско управување со водите на реката Нил. Стабилното снабдување со вода значи и безбедносна сигурност за Египет.

Во 1978 година египетскиот претседател и нобеловец Анвар Садат, кој по многу години го потпиша мировниот договор со Израел, нагласи дека единствено прашање што Египет може да го врати во војна би било прашањето за водата. Овој став го делеа и сите следни претседатели на Египет и поранешниот генерален секретар на ОН Бутрос Гали.
По пропаѓањето на преговорите со Етиопија во февруари 2020 година, египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси во март одржа состанок со египетското воено раководство. Состанокот траеше неколку часа откако етиопскиот министер за надворешни работи Гуидо Андрагасио најави дека неговата земја ќе почне со полнење на браната од јули 2020 година.

По пет години неуспешни преговори со Египет и со Судан, етиопскиот министер со пркос изјави: „Земјата е наша, водата е наша, а парите за браната се наши пари и нема сила што ќе нѐ спречи да се изгради“.
Браната ГЕРД покрај економското и енергетското значење има и големо влијание на внатрешната етиопска политика. Изградбата на браната со која ќе се реши огромниот недостиг од електрична енергија ги обедини сите етнички и верски заедници во земјата, во која живеат 109 милиони лица. Во таква атмосфера и во изборна година ништо нема да го спречи етиопскиот премиер Абиу Ахмед да го ублажи својот став и да попушти пред Египет.
Според мислењето на аналитичарот на меѓународниот институт ИФИМЕС, решавањето на долгогодишниот спор мора да се бара во продолжување на преговорите под покровителство на САД и на Светската банка.


Египет се вооружува

Египетската власт под водство на претседателот Абдел Фатах ел Сиси склучил најголем договор со Италија за испорака на воена опрема, објави пред неколку дена италијанскиот весник „Ла република“. Египет е трет најголем увозник на оружје (по Индија и Саудиска Арабија), според податоците на институтот за истражување на мирот СИПРИ. Во последните пет години и по доаѓањето на власт на Ел Сиси, Египет склучи договори за увоз на оружје во вредност од речиси шест милијарди долари.