Лионел Меси (32) беше еден од најдобрите на мечот против Мајорка што Барселона го доби со 4-0. Во Италија продолжи прекинатата сезона со реванш на полуфиналните куп-натпревари, Јувентус – Милан и Наполи – Интер
По тримесечната пауза повторно се игра фудбал во Шпанија и во Италија, двете земји најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот. Германската Бундес-лига, која им послужи како пример на другите лиги, веќе се приближува кон крајот на сезоната, а од утре треба да продолжи и прекината сезона во англиската Премиер-лига. Од тие први мечеви низ Европа по подолгата пауза, агенцијата Франс прес (АФП), издвои неколку работи.
Лионел Меси (32), напаѓачот на Барселона, шесткратен добитник на „Златната топка“, освежен по тримесечната пауза, со подолга коса и без брада, потсети на младиот Меси и по изгледот и по ефектот на теренот. Тој беше еден од најдобрите на дуелот против Мајорка што Барселона го доби со 4-0, притоа постигнувајќи го четвртиот гол, инаку 20-ти за него сезонава.
Реал забележа очекувана победа над Еибар (3-1), а првиот меч по февруари го одигра Еден Азар, кој за големи пари (100 милиони евра) лани беше доведен од Челси. Тој предвреме го напушти теренот и се пожали на болки по оперираниот зглоб што му создаваше многу проблеми сезонава и поради што повеќе беше надвор од терените отколку на нив. Неговата форма и здравствена состојба ќе бидат многу значајни во борбата за титулата во Ла лига, во која Реал моментно е во минус два бода зад Барселона, како и дуелите во Лигата на шампионите (ЛШ).
Во Италија прекината сезона продолжи со реванш полуфиналните куп-натпревари. Кристијано Роналдо промаши пенал на мечот против Милан (0-0), но Јувентус сепак се пласира во финалето поради ремито (1-1) на првиот меч во Милано. Тој натпревар (прв официјален во Италија по прекинот на 9 март), го проследија над осум милиони гледачи на националната телевизија РАИ.
– Беше многу чудно и тешко на почетокот да се игра на празен стадион по 90 дена одмор – изјави дефанзивецот на Јувентус, Леонардо Бонучи.
Јувентус во утрешното финале во Рим ќе се сретне со Наполи, откако наполитанците во второто полуфинале беа подобри од Интер (1-1 и 1-0).
Во Германија, лидерот Баерн и покрај отсуството на суспендираното дуо Роберт Левандовски – Томас Милер, ја совлада Борусија Менхенгладбах со 2-1. Со победа над Вердер вечерва баварците ќе ја освојат осмата титула во низа, вкупно 30-та во клупската историја. Баерн има шанса да триумфира и во Купот на Германија каде што во финалето се среќава со Баер Леверкузен, а не е без шанси и во ЛШ.
Натпреварите зад затворени врати продолжија и во Суперлигата на Турција, а Фенербахче им се придружи на големиот број клубови низ Европа, кои празните трибини ги пополнија со картонски ликови на навивачите.
Во Турција се воведени строги здравствени мерки, вклучувајќи и мерење температура кај секој поединец што влегува во стадионот, потоа раздвојување на резервните играчи на празните трибини и редовно дезинфицирање на топките. Турската федерација се надева дека навивачите би можеле да се вратат на стадионите наредните недели доколку ситуацијата се подобри.
Меси 12-та сезона едноподруго дава 20 гола
На мечот Барселона – Мајорка (4-0) Лионел Меси го даде 20-от гол во Ла лига сезонава, со што стана единствениот фудбалер што 12 сезони едноподруго постигнува 20 и повеќе голови! Меси сезонава има и 14 асистенции, најмногу во Ла лига.
Голгетерската серија на Меси започна во сезоната 2008/2009 кога даде 23 гола. Во следните сезони тој постигнуваше по 23, 34, 31, 50, 46, 28, 43, 26, 37, 34 и 36 гола.