Од Велигден до Ѓурѓовден, требаше помалку од еден месец за повторно да зовријат емоциите во јавноста и да завршат како жесток напад кон црквата и верата. Овој пат причина не е лажичето, туку моштите на св. Ѓорги Победоносец, со кои се прави традиционалната литија во Струга. Иако во светот, Европа и во регионот државите ги укинуваат вонредните состојби и животот го враќаат во нормала, поради намалувањето на бројот на заразени од коронавирусот, кај нас се покажа дека сѐ уште е присутен стравот, барем кај голем дел од јавноста.
На терен состојбата беше таква што некои од присутните верници беа дисциплинирани и носеа маски, други стоеја на тротоарите и балконите, но имаше и такви кај кои воопшто не се забележуваше претпазливост, ниту загриженост поради вонредната состојба и вирусот.
Социјалните мрежи „зовреа“ од коментари во кои се бара одговорност од организаторите, црквата и од полицијата, која го обезбедуваше црковниот собир. Голем дел од јавноста предлага Струга да се стави во карантин за да се спречи ,,извозот“ на вирусот.
Дали имаше пропусти во организацијата на настанот, дали тој воопшто требаше да се случи, дали постојат методи да се спречи народот кога спонтано ќе почне да се движи со литијата? Треба ли да има одговорност? Треба ли да има страв од можно ширење на вирусот од овој настан во Струга? Сите овие прашања се предмет на анализа и јавноста деновиве ќе се занимава со нив, додека, пак, паралелно со тоа, партиите ќе продолжат да си тактизираат за изборното соочување, кое, како најмасовен настан, сѐ поизвесно е дека ќе се случи во следните триесетина дена.
Црквата вели дека настанот во Струга е организиран по сите законски протоколи за држење физичка дистанца и најавен најмалку три дена пред неговото одржување, со јасен апел до верниците да не учествуваат во него. Никој во овие три дена пред одржувањето не реагираше дека не треба да се одржи, па дури ниту најгласните противници на црквата.
Полицијата, која е присутна на настанот, веројатно е немоќна да ги спречи. Клучното прашање на кое е потребен одговор е причината зошто луѓето се одлучиле на тој чекор, ако знаат дека на тој начин ги прекршуваат препораките. Дали можеби одговорот не треба да се бара и во молкот на здравствените власти, кои веќе една недела тактизираат со олеснување на мерките, откако најавија дека тоа ќе се случи по 1 мај? Станува ли психолошкиот притисок од карантинот и сѐ уште постојниот полициски час во Македонија, наспроти состојбите на олабавување на мерките во Европа, посилен од свеста за почитување на мерките?
Духовноста кај народот е една од најсилните особини, кои не можат да бидат контролирани или потиснати. Луѓето во такви моменти го прават она за што мислат дека духовно е исправно.
Литијата во Струга е традиција што ги обединува луѓето со векови. Нејзиното организирање и оваа година, како што велат организаторите, е во духот на заедништвото, за да се покаже единство во борбата против вирусот преку јакнење на духот на стружани.
Верниците беа предупредени
Свештенството при храмот „Св. Георгиј“, организатор на традиционалната литија што се одржа завчера во Струга, а по која следуваа реакции за непридржување на верниците до мерките за заштита од ковид-19, соопшти дека црквата неколку дена претходно и пред самиот настан гласно повикала на придржување на мерките дадени од државните власти и истакна дека нема никаков простор за обвинување. Освен тоа, свештенството посочува и дека во насока на почитување на мерките на заштита и превенција, богослужбата била отслужена надвор, односно во дворот на струшкиот храм, наместо во неговата внатрешност.
– Следствено, повеќе од јасно е дека црквата, и неколку дена претходно, а и пред самиот настан, гласно повика на придржување на мерките дадени од државните власти и тука нема никаков простор за обвинување. Испраќаме апел и до политичките партии и сите општествени чинители да не ги користат активностите на црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките.
Мерките на Владата се за наше добро, да ги почитуваме за да се заштитиме – посочија свештениците од Струга.
Од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица во соопштение на 4 мај годинава информираа дека поради актуелната вонредна состојба со ковид-19, а во согласност со препораките на здравствените власти, годинешната Струшка литија со чесните мошти на светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, ќе се одржи без присуство на народ.
– Традицијата на струшката литија (Еордија) и чествувањето на светиот Великомаченик Георгиј никако нема да изостанат, зашто неговиот благослов е особено потребен во актуелниот период, но овој пат целокупната церемонија ќе мора да биде реализирана само од страна на свештеничкиот клир, како и од Бигорската, Рајчичката и Пречистанската обител – наведоа од манастирот.
Остри реакции, се бара одговорност
Основното јавно обвинителство Струга вчера отвори предмет за масовното присуство на граѓани на литијата. Предметот е отворен по допрен глас, по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.
– Постапувањето на обвинителството е поради присуството на граѓани на литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи, и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжителното носење заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното – се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Министерот за здравство Венко Филипче завчеравечер на својот фејсбук-профил напиша дека сцените што ги гледа од Струга за него се крајно разочарувачки и ги толкува единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите што деноноќно работат за да ја надминеме кризата.
– Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд, мора ги почитуваме мерките, без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид собир, кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од какви било собири за конечно да почнеме да го враќаме животот во нормала -напиша Филипче.
Вицепремиерот и шеф на Кризниот штаб, Бујар Османи, истакна дека во градот каде што смртноста од вирусот е 20 отсто од бројот на заразени, ова е највисоко ниво на неодговорност.
– Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност! – порача Османи.
Традиционалната верска церемонија доби и политичка димензија. Владејачката СДСМ го обвини министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за загрозување на здравјето на граѓаните и побара оставка од него.
– Јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга, а полицијата беше пристуна на настанот и вооп
што не реагираше. Наместо предупредување, укажување и спречување масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, полицијата, иако присутна на настанот, не само што не реагираше туку немо го следеше прекршувањето на забраната. Со оваа неодговорност Чулев стана соучесник во загрозувањето на здравјето на граѓаните – се вели во соопштението на СДСМ.
Коментирајќи го масовниот верски собир во Струга, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев порача дека настанот очигледно не бил добро организиран и дека во текот на утрешниот ден ќе спроведат истрага.
– За литијата во Струга ќе постапиме во согласност со полициските процедури, да видиме кои се пропустите што се направени од страна на полициските службеници во Струга и во СВР-Охрид. Имавме вакви случаи во Синѓелиќ и Гевгелија, не е прв случај, генерално граѓаните ги почитуваат мерките, но се работи за важен верски настан, кој не е добро организиран очигледно. Како МВР, ќе извршиме препознавање и, доколку е неопходно, ќе биде санкционирано -изјави Чулев.