Ако вирусот продолжи да се шири како досега, дефинитивно ќе имаме проблеми со меѓународниот календар, вели членот на Извршниот комитет (ИК) на УЕФА и претседател на Европските лиги, Ларс-Кристер Олсон
Коронавирусот може да влијае на меѓународниот фудбалски календар уште две-три години, вели членот на Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) и претседател на Европските лиги (ЕЛ), Ларс-Кристер Олсон.
Тој вели дека останува да се види и да се процени колкаво ќе биде тоа нарушување.
УЕФА се надева дека ќе успее да ги комплетира натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во август, ја пренесува „Би-би-си“ неговата изјава дадена за интернет-порталот „Сокерекс“.
Олсон истакнува дека „повеќе би сакал да не заврши тековната сезона, отколку да не започне следната“.
Постојат планови, според Олсон, есенва да има три, наместо два термина за натпреварите во меѓународна конкуренција, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020 и за натпреварите во Лигата на нации (ЛН).
По суспензијата на фудбалот во Европа и одложувањето на ЕП 2020 за 2021 година, на прашањето колку долго може пандемијата на коронавирусот да влијае врз меѓународниот календар, Ослон кратко одговори „веројатно две-три години“.
Претходно, тој за Би-би- си радио 5 во живо рече дека нема „консензус“ меѓу земјите во врска со завршувањето на домашните сезони, бидејќи секоја земја се соочува со различни ситуации во борбата со коронавирусот.
Првите две лиги во Франција, Лига 1 и Лига 2, нема да ја продолжат сезоната, откако Владата ги забрани сите спортски настани, вклучувајќи ги и оние зад затворени врати, до септември. Најдобрата лига на Холандија исто така предвреме беше прогласена за завршена минатата недела.
Отворено е и прашањето како УЕФА ќе ги продолжи своите натпреварувања ако битни клубови, како ПСЖ и Ајакс, не можат да играат фудбал повеќе месеци.
– Тешко е да се каже, но во секој случај, ова е вонредна ситуација и треба да се бараат вонредни решенија. Засега планираме остатокот од сезоната 2019/2020 да го завршиме во август. Би било добро ако се реализира тоа, бидејќи ќе значи дека можеме да го заштитиме интегритетот на фудбалот во последната фаза од тековната сезона. Ако вирусот се шири и натаму како досега, дефинитивно ќе имаме проблеми со меѓународниот календар – смета Олсон.