Неуспесите во владеењето, теориите на заговор и кризата од ковид-19 многу потсетуваат на пандемиите од минатото. Сепак, ќе настанат клучни, а можеби и судбоносен промени. Така, наместо да се промени актуелниот поредок, веројатно, ќе се засилат трендовите што нè доведоа до оваа состојба
Многу пред постојаното слободното движење на луѓе и стоки во светот, пандемиите веќе беа неизоставен дел од човековата цивилизација. Како мистериозни, големи историски настани, масовните епидемии на болести честопати ги нарушија старите верувања и пристапи, воведувајќи големи промени во нормалниот тек на животот. Но пандемијата на ковид-19 може од корен да ја промени оваа шема. На многу начини сегашната пандемија потсетува на нејзините претходници.
Предвидливо или не, појавите на болести секогаш ги изненадувале властите, кои честопати не успеваа да одговорат брзо и одлучно. Алберт Ками ја прикажа оваа тенденција во неговиот роман „Чума“, а кинеската влада практично ја покажа кога првично ги прикри информациите за новиот коронавирус. Американскиот претседател Доналд Трамп го стори истото тоа кога ја минимизира заканата минатиот месец со што го изедначи ковид-19 со сезонски грип.
Поради недостиг од предвидливост на лидерите, честопати луѓето остануваа само со една вистинска одбрана од епидемиите, а тоа е физичкото дистанцирање. Даниел Дефо во својата книга „Журналот за годината на чумата“ за појавата на бубонска чума во Лондон во 1665 година, наведува дека локалната власт забранила настани и собири, ги затворила училишта и вовела карантин.
За време на кризата од ковид-19, изолациите и другите протоколи со физичко дистанцирање ги спречија луѓето да ги посетуваат своите најблиски што умираат и се променија процедурите при погребите. Во Кина наводно се препорачува семејствата да ги погребуваат своите мртви брзо и тивко. Сателитските слики покажуваат дека се ископани масовни гробови во Иран. Властите на Њујорк исто така направија масовни погреби, наменети за оние што немаат роднини или семејства, кои можат да си дозволат погреб. На некои гробишта во Лондон дури повеќе нема гробни места.
Друга паралела меѓу актуелната пандемија и нејзините претходнички е тенденцијата да се усвојуваат експериментални терапии. Истражувачите што работат на ковид-19 имаат многу понапредно сфаќање за болеста.
Додека чекаме лек или вакцина против болеста, се тестираат постојните антивирусни лекови, како оној што се користеше против маларија, иако даваат мешани резултати. Употребата на хлорокинот предизвика загриженост откако кај пациенти што го примале, се јавиле знаци на срцеви компликации. Нормално постојат и лажни терапии. Денес шарлатаните со помош на социјалните медиуми препорачуваат дека кокаинот или пиењето белило штитат од ковид-19. Самиот Трамп го фалеше хидроксихлорокинот како можен „универзален лек“, поради што една двојка реши на своја рака да го проба покрај недоволното тестирање.
Епидемиите не само што ги уништуваат економиите туку и јасно ги истакнуваат општествените нееднаквости и ја продлабочуваат недовербата во статус квото. Болеста не прави разлика помеѓу богатите и сиромашните, но условите за живот секогаш ги прават сиромашните и маргинализираните поранливи. Макијавели, кој беше сведок и веројатно умре во чумата во Фиренца во 1527 година, ја сметаше епидемијата како директен резултат на погрешно управување. Критиките за Кина, Трамп, британскиот премиер Борис Џонсон и други го вратија ова чувство.
Други ги гледаат епидемиите низ призмата на теориите на заговор. Марко Аврелиј ги обвинувал христијаните за антонинската чума. Во христијанска Европа, за црната смрт во 14 век биле виновни Евреите. Замислените виновници зад кризата од ковид-19 се зрачењето од 5Г-технологијата, американска војска, кинеска војска и повторно Евреите. Државните медиуми во Иран ги предупредуваа луѓето да не користат вакцина направена од израелски научници.
Публикациите во Турција и во Палестина го дефинираа ковид-19 како израелско биолошко оружје. Супериорните белци во Австрија, Швајцарија и во САД го обвинија еврејскиот финансиер и филантроп Џорџ Сорос, за кој тие веруваат дека сака да ја намалат светската популација и да се збогати од вакцината.
И покрај сличностите, пандемијата на ковид-19, најверојатно, ќе истакне дека се мали шансите да се промени утврдениот поредок. Антонинската и јустинијанската чума го поттикнаа ширењето на христијанството низ цела Европа. Црната смрт ги сврте луѓето кон помалку религиозно, похуманистичко гледиште за светот што доведе до ренесансата. Шпанскиот грип предизвика востанија, масовни работнички штрајкови и антиимперијалистички протести, а во Индија, каде што починаа милиони, се разгоре движењето за независност.
Спротивно на тоа, сегашната пандемија може да зајакне три актуелни и силно деструктивни трендови: деглобализација, унилатерализам и авторитарно надзорен капитализам. Речиси веднаш почнаа да се интензивираат апелите за намалување на зависноста од глобалните синџири на вредности, кои веќе беа актуелни пред кризата. Напорите на ЕУ да изработи заедничка стратегија повторно ги изложија старите поделби во блокот. Трамп одлучи да го прекине финансирањето за СЗО. Под изговорот за борбата за живот, властите во Кина или во Русија ги кршат слободите и ја нарушуваат личната приватност. Двете светски војни покажаа дека светскиот поредок организиран околу егоцентричниот национализам не соодветствува со мирот и безбедноста. Пандемијата ја истакна итната потреба од нова рамнотежа меѓу нацијата држава и наднационалните институции. Доколку се укине тоа, само ќе се зголеми штетата од ковид-19.
Авторот е поранешен израелски министер за надворешни работи, а актуелно е потпретседател на меѓународниот центар за мир „Толедо“