Доколку се утврди дека возрасното население нема имунитет на коронавирусот, можно е мерките за ограничено движење за нив да траат до крајот на годината, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Серолошките тестирања кои треба да го покажат стекнатиот имунитет на населението се планира да бидат направат во текот на летото.
– Планот е да го направиме веднаш по попуштањето на мерките или некаде на лето со цел да го процениме имунитетот на пример на возрасните над 65 години, на децата во школска возраст или на работоспособното население. Тоа ќе ни биде показател како да се димензионираат мерките, помалку или повеќе рестриктивни, по возрасни групи тогаш кога евентуално би сметале дека може да се соочиме со повторен пик на болеста. Дали тоа ќе биде наесен или не, ќе ја следиме епидемиолошката крива. Врз основа на резултатите од тестирањето ќе дадеме мислење на пример за тоа како треба да се организира наставата во училиштата. Доколку се утврди дека нема имунитет повозрасното население над 65 години може да кажеме дека рестриктивните мерки за нив ќе важат цело време, до крајот на годината. Тоа ќе ни биде еден од показателите – рече министерот Филипче.
Тој вечерва извести и дека генерален заклучок на земјите членки на Светската здравствена организација по денешниот состанок на кој и тој присуствувал, бил дека коронавирусот не може да се уништи и дека ќе остане активен и по пикот во секоја земја одделно. Токму затоа потребно е ново организирање на здравствениот систем со целосно одвоени делови кои ќе бидат наменети само за третирање на пациенти заразени со ковид-19.