Вашингтон – Џо Бајден ја зацврсти својата позиција како главен кандидат за претседател на внатрепартиските избори на демократите, кој во ноември треба да му се спротивстави на Доналд Трамп во трката за Белата куќа. Бившиот потпретседател на САД извојува победа во Мичиген, државата што нудеше најмногу делегати на гласањето во вторникот, со што ја зголеми предноста во однос на главниот ривал, сенаторот Берни Сандерс. Освен Мичиген, пет други сојузни држави избираа свој кандидат за претседател, Вашингтон, Мисури, Мисисипи, Ајдахо и Северна Дакота. Засега е нејасно дали Сандерс ќе остане во трката до партискиот конгрес во јули. За да ја добие номинација, кандидатот мора да обезбеди поддршка од најмалку 1.991 делегат.
Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нагласи дека неговата земја може да изврши уште поголема операција во Идлиб, во северна Сирија, ако се прекрши примирјето договорено минатата недела со Русија. Анкара претходно посочи дека разговорите со Москва за ситуацијата во Сирија се позитивни.
Москва – Руската Дума усвои уставни измени, кои му овозможуваат на Владимир Путин повторно да се кандидира за претседател по истекувањето на актуелниот мандат во 2024 година. Путин (67), кој е на власт повеќе од две децении, го поздрави усвојувањето на уставните измени. Инаку со измените се прошируваат и овластувањата на рускиот парламент и на Уставниот суд, на функционерите им се забранува да имаат странско државјанство и дозвола за престој, а истовремено се осигурува и примат на рускиот устав и правен систем.
Фукушима – Јапонија одбележа девет години од земјотресот и цунамито што на 11 март 2011 година предизвикаа хаварија во нуклеарната централа во Фукушима, најголема по таа во Чернобил во 1986 година. Комеморациите и јавни собири, сепак, беа откажани вчера поради епидемијата од коронавирус.